Таравари: Не сме навикнати да бидеме декорација, така беше во Владата

Макфакс

17/05/2025

17:05

342

Големина на фонт

а а а

Арбен Таравари, поранешниот министер за здравство, ја објасни својата оставка во интервју за албанската телевизија МЦН. Како причина за напуштањето на Владата ја наведе игнорацијата кон Вреди и недостигот на координација меѓу албанските партии во владејачката коалиција.

„Ние како Алијанса за Албанците не сме навикнати да бидеме само декорација. Затоа решивме да одиме во опозиција и да се вратиме кај граѓаните. За нас е важно да се мобилизираме и да извојуваме победа на локалните избори во октомври“, изјави Таравари.

Тој посочи дека, иако првпат четири албански партии биле дел од една влада, во последните месеци дошло до сериозна дискоординација што, според него, ја искористила најголемата македонска партија.

Во меѓувреме, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, синоќа од Арачиново му испрати порака на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека со менување на Законот за употреба на јазиците и Охридскиот рамковен договор го загрозува мирот и стабилноста на државата.

„Албанците се над 30%, живеат на своите огништа и се нераскинлив дел од државноста. Ниту една сила не може да ја сопре оваа реалност“, порача Ахмети.

Политичките тензии се зголемуваат во момент кога се појавуваат гласини дека дел од пратениците на Европскиот фронт преминуваат во Вреди. Вицепремиерот Изет Меџити изјави дека најмалку четворица пратеници ќе се приклучат на новата група.

Од коалицијата Вреди, пак, денеска испратија соопштение во кое тврдат дека ДУИ се движи кон политичка бездна и дека Ахмети го доживува својот крај. Ги повикаа разочараните поддржувачи на Алијанса за Албанците да им се приклучат.

„Употребата на Таравари е само обид да се создаде димна завеса и да се скрие падот на ДУИ“, стои во нивното соопштение.

Новата пратеничка група Вреди, формирана пред два дена, моментално брои 9 пратеници, а нов координатор е Беким Ќоку. Дополнително, се најавува и посебна пратеничка група од крилото на Таравари во Алијансата, која според најавите ќе брои 5 пратеници и ќе поднесе барање до Собранието идната недела.