Затворена лажна онлајн платформа за трговија – измамени стотици луѓе ширум светот

Точка

15/05/2025

17:47

987

Големина на фонт

а а а

Европските полициски служби затворија лажна онлајн платформа за трговија, која измамила стотици жртви низ целиот свет, со вкупни загуби проценети на околу 3 милиони евра.

Во координирана глобална операција во која учествуваа пет држави – Германија, Кипар, Албанија, Велика Британија и Израел, со поддршка од Европол и Еуроџаст, беше разбиена криминална мрежа, а на Кипар беше уапсен главниот осомничен.

Измамниците им ветувале на луѓето брза и значителна заработка преку онлајн инвестиции. На почеток, жртвите биле убедувани да вложат мали износи, при што измамниците користеле лажни графикони со фиктивна добивка. Како што растела довербата, така растел и притисокот врз жртвите да вложат повеќе. Лажните брокери применувале психолошки тактики за да ги натераат луѓето да префрлат уште повеќе пари на нивни сметки. Средствата никогаш не биле вложени, туку директно завршувале кај криминалната група.


Според соопштението на Европол, истрагата започнала во Германија, откако брачен пар пријавил дека им е украдена целата заштеда. Истражителите го следеле банкарскиот трансфер и така се дошло до траги кои довеле до голема меѓународна истрага.

На 6 септември 2022 година, во првата координирана акција, беа извршени претреси во Белгија и Летонија, при што беа уапсени две лица и прибрани клучни докази. Овие докази доведоа до идентификација на уште седум членови од мрежата на измамници, вклучувајќи оператори на кол-центри кои манипулирале со жртвите да им дадат пари.


Вториот бран акции започна на 13 мај 2025 година. Извршени беа осум претреси низ Албанија, Кипар и Израел. Еден осомничен беше уапсен на Кипар и се очекува негово екстрадирање во Германија. Истражителите, исто така, запленија електронски уреди, документи и пари кои ќе послужат во следната фаза на истрагата.

Операцијата опфати повеќе држави, а жртвите доаѓаат од различни делови на светот.


Оваа акција беше дел од "EMPACT" – координирана иницијатива на Европската Унија за борба против организираниот криминал. Измамите и финансискиот криминал се приоритетни цели во тековниот циклус кој трае до крајот на 2025 година.

Истрагата продолжува, а се очекува да се појават уште жртви. Ако сметате дека сте биле жртва на слична измама, веднаш пријавете кај надлежната државна институција за сајбер-криминал.