Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ништо нема да се случи во врска со мировните преговори меѓу Русија и Украина додека не се сретне лично со рускиот претседател Владимир Путин.
„Ништо нема да се случи додека не се сретнеме со Путин, во ред? Очигледно е – тој немаше намера да дојде. Ќе дојдеше, но мислеше дека јас ќе одам. Немаше да дојде ако јас не бев таму и не верувам дека нешто ќе се случи, без разлика дали ви се допаѓа или не, додека не се сретнеме двајцата. Но, ќе мора да се справиме со тоа бидејќи премногу луѓе умираат“, им рече Трамп на новинарите во „Ер Форс Уан“ по пристигнувањето во Абу Даби.
Трамп додаде дека не е разочаран што Путин не е во делегацијата што денеска пристигна во Турција на разговори на високо ниво со Украина: „Не сум разочаран од ништо. Зошто би бил? Ние штотуку донесовме 4 трилиони долари, а вие сте разочарани од делегацијата? Не знам ништо за делегацијата, дури и не проверив“.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, претходно изјави дека нема да се сретне со никого од руската делегација освен со Путин и ги нарече луѓето што пристигнаа во Истанбул „статисти“.
Иако американската администрација претходно посочи дека нема планирано патување во Турција, Трамп денеска изјави дека можноста останува отворена.
„Ако нешто се случи, ќе заминам во петок, ако е погодно“, рече тој за време на бизнис тркалезна маса во Доха.
Трамп претходно вети дека ќе ја запре војната на Русија против Украина „уште на неговиот прв ден на функцијата“ – но подоцна призна дека тоа е претерување.