Големо откритие на научниците: Документ од 14 век кој вреди милиони - Мислеле дека се работи за евтина копија

Точка

15/05/2025

19:05

1.778

Големина на фонт

а а а

Американскиот универзитет Харвард со децении верувал дека во својата колекција поседува евтина копија од документот „Магна Карта“, кој бил купен во минатиот век за помалку од 30 долари, но двајца британски истражувачи утврдиле дека станува збор за ретка верзија на документот од 1300 година, издаден од англискиот крал Едвард I, пренесоа американските медиуми.

Оригиналната „Магна карта“ од 1215 година е англиски уставен документ кој ја ограничил моќта на англиските владетели и претставува темел на уставите на глобално ниво, пренесе „NBC“.


Инаку постојат само четири копии од оригиналот, а досега се веруваше дека постојат шест копии од верзијата на документот од 14 век.

„Димензиите се совпаѓаа“

Дејвид Карпентер, професор по средновековна историја на Кралскиот колеџ во Лондон, ја пребарувал веб-страницата на библиотеката на Харвард во декември 2023 година кога наишол на дигитална верзија на документот.


Карпентер, во соработка со колега од Универзитетот во Источна Англија, Николас Винсент, започнал потфат кој имал за цел да го провери историјатот и автентичноста на документот што го поседува Харвард.

Истражувачите прво го споредиле со други копии од 14 век и откриле дека димензиите се совпаѓаат.

„Бев воодушевен, тие мислеле дека се работи за евтина копија“

Потоа ја утврдиле староста на документот користејќи ултравиолетова светлина и спектрална анализа за да дознаат дека станува збор за копија од „Магна Карта“ од 14 век.


„Бев воодушевен од откритието, особено затоа што Харвард сметаше дека се работи за евтина копија од овој извонреден документ“ изјави Карпентер.

Според неговата процена, овој документ вреди неколку милиони долари, иако Харвард нема намера да го продаде. Верзијата на „Магна Карта“ од 1297 година беше продадена на аукција во 2007 година за 21,3 милиони долари, пренесе „NBC“.


Инаку библиотеката на Правниот факултет на Харвард ја купила оваа копија од документот во 1946 година од книжарница во Лондон за нешто повеќе од 27 долари.