Денешната одлука на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери да не го поддржат Законот за помош на семејствата на загинатите и повредените од Кочани, за мене е вистинско разочарување. Ова беше можент на одговороност и зрелост, а не за политички инает, истакна претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, по денешната собраниска седница.
„Од првиот ден по трагедијата во Кочани, СДСМ се однесува со целосна почит, сочувство и одговорност за семејствата на загинатите и повредените. Не ловевме политички поени, не обвинувавме и дадовме целосна поддршка за институциите да ја завршат работата. Го ставивме страдањето на нашите сограѓани над политиката. Покажавме емпатија и конструктивност – и како партија, и како поединци. Во тој дух поднесовме закон со кој се обезбедува финансиска помош за семејствата на загинатите и повредените. Без никакави политички намери, со јасна цел – да им помогнеме на оние што изгубија најмногу“, рече Филипче.
Денешната одлука на ВМРО-ДПМНЕ, како што додаде, и нивните коалициски партнери да не го поддржат овој закон за него е вистинско разочарување.
„Не можам да најдам разумно објаснување за оваа постапка. Не станува збор за политика, туку за човечност, морал и совест кои очигледно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги немаат. Државата мора да покаже дека стои зад своите граѓани кога е најмногу потребно. Ова не беше момент за политички инает, туку за заедничка грижа. СДСМ ќе продолжи да се бори за вистински вредности и да нуди и дава поддршка таму каде што најмногу треба“, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Предложениот закон не беше ставен ниту на дневен ред. Пратениците од мнозинството не го поддржаа барањето на опозициската партија предлог-законот да се носи во скратена постапка. „За“ ваквиот предлог гласаа само 18-мина пратеници од СДСМ и Левица.
Предлог-законот предвидуваше финансиска помош за семејствата на жртвите, во износ од 80.000 евра за секоја жртва, а по 1,2 милиони до 5 милиони денари за повредените, во зависност од степенот на инвалидитет.
За ВМРО-ДПМНЕ, овој предлог закон е популистички и, според нив, опозицијата ја злоуптребува трагедијата од Кочани за ситни политички поенти. Според владејачката партија, измените во голем дел се неприменливи. Велат дека веќе имаат конкретен план за помош за семејствата на настраданите и повредените лица.