Протестот кој го најави таткото на Фросина Кулакова, по објавувањето на пресудата за сообраќајката во која загина неговата ќерка, започна попладнево пред Универзалната сала.
„Во моментов имаме силен сомнеж дека се случува еден цел правен инженеринг. Сега и Врховен суд некој го вклучува и излегува со крајно сомнителен термин, го враќа предметот на Васо за дилерство со дрога повторно на Апелација и тоа од чисто формални причини. Очигледна е намерата со игра на датуми да се створи правна конфузија во целата оваа игра што ни ја прават. Сега одбраната ќе бара на Апелација да му се намали казната, бидејќи како отежителна околност во Судот беше тоа што фактички тој бил дилер на дрога“, изјави Тодор Кулаков, татко на Фросина.
„Нема да молчиме. Бараме промени за никоја мајка повеќе да не поминува низ оваа болка. Правда за Фросина, правда за сите што оваа држава ги заборави,“ напиша нејзината сестра Росица Кулакова.
Кулаков на денешниот протест изјави дека секој кој изгубил дете се соочува со добро организиран систем што е тешко да се нарече правосуден.
Вели дека тој произведува длабоки неправди, произведува голема дехуманизација на целото општество и произведува и стимулира нови и нови Васовци.
Семејството ги повика граѓаните да им се придружат и да застанат заедно против неказнивоста и корупцијата во системот.
Судијката Снежана Марковска, при образложувањето на пресудата, наведе дека биле земени предвид олеснителните околности како што се признанието на вина, младоста и изразеното каење од страна на обвинетиот. Сепак, како отежителни околности биле наведени претходната осуда за трговија со дрога, повеќе сообраќајни прекршоци и трагичната загуба на млад човечки живот.
Протестот продолжи пред Кривичниот суд во Скопје, каде беа соопштени барања за законски измени.