[ФОТО/ВИДЕО] Трамп воодушевен од новиот сириски лидер - поранешниот џихадист: „Тој е млад, цврст и атрактивен маж, со силно минато – борец, го предводеше нападот, неверојатен е“

Точка

14/05/2025

19:57

1.281

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп слета со својот авион во Катар – втората етапа од неговата турнеја на Блискиот Исток.

Тој ќе присуствува на официјална вечера во државата богата со нафта, автократската земја, која е под интензивен медиумски надзор поради обвинувањата дека ќе му подари луксузен авион.

Политичките партии во оваа арапска монархија се забранети, додека слободата на говорот е строго контролирана. Земјата ја управува нејзиниот емир, шеикот Тамим бин Хамад ал-Тани.



44-годишниот шеик ја презеде власта во јуни 2013 година, откако неговиот татко се повлече.

Катарските борбени авиони Ф-15 му обезбедија почесна придружба на претседателскиот авион на Трамп сè додека не слета, а видеоснимките ги објави Белата куќа.

Средба на Трамп со сирискиот лидер Ахмед ал-Шара

Трамп го опиша новиот сириски лидер како „прилично неверојатен“. Тој го пофали Ахмед ал-Шара, поранешниот водач на џихадистичката организација Хајат Тахрир ал-Шам и поранешен американски затвореник.

„Тој е млад и привлечен маж. Цврст човек. Силно минато. Многу силно минато. Борец“ изјави Трамп пренесувајќи ги неговите впечатоци по средбата со Шара претходно во текот на денот.

Трамп, исто така, рече дека Шара може да направи „одлична работа за сирискиот народ“.

„Мислам дека има потенцијал да го направи тоа, тој е вистински лидер. Тој го предводеше нападот и е прилично неверојатен“, додаде Трамп.


Во минатото САД понудија 10 милиони долари за информации околу тоа каде се наоѓал џихадистичкиот лидер, тогаш познат под бојното име Абу Мохамед ал-Џолани (Ахмед ал-Шара).

Инаку тој им се приклучи на редовите на џихадистите на Ал Каеда кои се бореле против американските сили во Ирак по инвазијата предводена од САД во 2003 година, и беше во американски затвор под обвинение за тероризам во Ирак.


Тој се вратил во Сирија откако започнал конфликтот во 2011 година и го предводел огранокот на Ал Каеда, порано познат како Фронт Нусра.

Подоцна тој го сменил името на својата група во Хајат Тахрир ал-Шам и ги прекинал врските со Ал Каеда, а потоа на крајот успеа да го собори сирискиот претседател Башар ал-Асад во декември минатата година.


Меѓутоа по соборувањето на Асад, се појавија извештаи дека милиции поврзани со новата власт предводена од Шара извршиле ужасни злосторства против малцинските религиозни групи во Сирија.