Јаневска за одењето во Здравство: Ќе бидам таму каде што премиерот ќе одлучи дека државата има потреба од мене

Макфакс

14/05/2025

12:49

137

Големина на фонт

а а а

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, втор ден резервирано одговара на прашањата дали ќе стане министерка за здравство иако албанскиот партнер во Владата јавно зборуваше за размена на ресори со ВМРО-ДПМНЕ по излегувањето од владината коалиција на Алијансата за Албанците. Денес, на поставувањето камен-темелник на училишна спортска сала во подрачен објект на ОУ „Гоце Делчев“ во село Долно Лисиче, општина Аеродром, Јаневска рече дека за тоа ќе одлучат премиерот и преговарачкиот тим, а премиерот побара трпение за измените.

„Оваа држава има премиер, претпоставувам дека има и преговарачки тимови. Јас ќе бидам таму каде што премиерот ќе одлучи дека државата има потреба од мене“, одговори министерката Јаневска на прашањето дали ќе оди на чело на ресорот здравство.

Премиерот, пак, Христијан Мицкоски, рече дека до крајот на оваа недела има настани, ќе патува и во Тирана, па за кадровските решенија ќе одлучува следната недела, но синоќа добил овластување од извршниот комитет.

„Народски кажано, добив дозвола од извршниот комитет за номинирање нови имиња, кои ќе ги заменат имињата на оние што одлучија да одат во прегратките на Али Ахмети и на Демократската унија за интеграција, односно луѓето од партијата на господинот Арбен Таравари. Во периодот што следува многу работи ќе бидат појасни. Да бидеме трпеливи и да разговараме, а во тие разговори сигурен сум дека ќе постигнеме договор. Очекувам веќе следната недела да има повеќе на оваа тема“, рече премиерот Мицкоски.

До следната недела премиерот Мицкоски побара јавноста да почека одговор не само на прашањата за имиња на нови министри туку и на прашањето дали министерските места на Алијансата за Албанците ќе ѝ бидат дадени на „Вреди“ или ќе ги земе ВМРО-ДПМНЕ.