Трамп: Сакам договор со Иран, но тие мора да престанат да го спонзорираат тероризмот

Макфакс

14/05/2025

12:20

142

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изјави дека сака да постигне нов договор со Иран, но порача дека Техеран мора да престане да го спонзорира тероризмот и да се откаже од своите нуклеарни амбиции.

„Многу луѓе гледаат со завист“, им рече Трамп на лидерите на арапските земји собрани на регионалниот самит и додаде дека неверојатни договори се на дофат и дека Блискиот Исток денес е центар на светот на кој многумина му завидуваат, објави Скај њуз.

Критикувајќи ја претходната администрација, Трамп рече дека „(поранешниот американски претседател Џозеф) Бајден создаде хаос поради некомпетентност“.

Во својот говор, тој нагласи дека сака иднина на безбедност и достоинство за Палестинците, но предупреди дека тоа нема да биде можно ако лидерите во Газа продолжат по патот на насилството.

Трамп, исто така, изрази благодарност до земјите што помогнаа во ослободувањето на израелско-американскиот заложник Едан Александар и ја пофали улогата на арапските лидери во обидите за решавање на конфликтот во регионот.

Кога станува збор за Сирија, Трамп потврди дека САД ќе ги укинат сите санкции против таа земја, велејќи дека ова е шанса за развој и дека санкциите биле парализирачки и многу силни.

Тој, исто така, објави дека сака да ги нормализира односите со Дамаск.

Иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Абас Аракчи, објави дека во петок ќе се сретне со европски дипломати во Истанбул на разговори за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година.

Европските страни потписнички на договорот се Франција, Велика Британија и Германија.