Трамп: Царините од 80 проценти за Кина се фер

Макфакс

09/05/2025

17:14

373

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека царините од 80 проценти за кинеските стоки „изгледаат фер“, додека претставниците на двете земји се подготвуваат за разговори во текот на викендот за ограничување на трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент и главниот трговски преговарач Џејмисон Греет ќе се сретнат со кинескиот вицепремиер Хе Лифенг во Швајцарија за да разговараат за можните први чекори кон решавање на нивните трговски спорови.

„Кина треба да го отвори својот пазар за САД, би било многу добро за нив. Затворените пазари повеќе не функционираат“ Трамп напиша во објава на својата социјална мрежа Truth Social.

„Царините од 80 проценти врз Кина изгледаат фер. Од Скот Б. зависи (да одлучи)“, рече Трамп.

Откако ја презеде функцијата во јануари, Трамп ги зголеми царините за увоз од Кина на 145 проценти, покрај оние што ги наметна на многу кинески стоки за време на неговиот прв мандат и царините што ги наметна администрацијата на претседателот Џо Бајден врз Пекинг.

Кина возврати со ограничување на извозот на некои ретки минерали и зголемување на царините за американските стоки на 125 проценти, покрај дополнителните царини за одредени производи, вклучувајќи соја и течен природен гас. Претставници на администрацијата на Трамп ги опишаа разговорите во Женева за време на викендот како чекор кон деескалација на тензиите со Кина.