Гути со порака за фановите на Барселона: Проголтајте си уште еден неуспех!

Макфакс

07/05/2025

11:59

1.718

Големина на фонт

а а а

Драматичната завршница на вчерашниот дуел меѓу Интер и Барселона и елиминацијата на гостинскиот тим очекувано денеска е главна тема во шпанските медиуми, па не стивнуваат реакциите и коментарите за случувањата во Милано.

Посебно задоволство владее меѓу навивачите на Реал Мадрид кои секако не сакаа да ја видат Барса во финалето, а дел од нивниот став бил искажан и од поранешен играч на „кралскиот клуб“ во живо во емисијата „Ел Чирингито“.

Гути бил гостин во студиото и одговорил на ставот на познат фан на Барса дека поразот е заслуга на судијата Марчињак, кој е потврден фан на Реал Мадрид (се алудира и на ситуацијата со поништениот пенал на Алварез на дуелот со Атлетико).

– Да, да, денеска имаше светски заговор против Барселона.

– Но, во реалноста оваа екипа прими седум голови, а успеа да постигне шест. Проголтајте си го неуспехот, проголтајте си го како и секоја година, нема ништо ново, ова е само уште еден неуспех, – рекол Гути, чија изјава предизвика големо внимание.

Подоцна, поранешната ѕвезда на Реал во посмирен тон направил мала анализа за причините за елиминацијата на Барса.

– Првото полувреме беше катастрофално за Барса, не само поради двата гола, туку и поради тоа што не играа ништо, само гледаа да му додадат на Јамал. Лошо е кога ќе постигнеш шест голови и тоа не е доволно за да се пласираш во финалето. Убаво е да напаѓаш, убаво е да постигнуваш многу голови, но тим што сака да игра финале не смее да прими толку голови, – рекол Гути.