Собранието на Северна Македонија заедно со УНИЦЕФ денес одржа консултативна дебата за состојбата на децата и адолесцентите во земјата. Оваа средба е прва од серијата што беше договорена со Собранието за понатамошно унапредување на агендата за правата на децата.
“Еднаквиот пристап до образование, поголемата грижа за здравствените политики и заштитата од насилство и дискриминација треба да бидат наши приоритети. Како претседател на Собранието, секогаш ќе бидам поддршка на секоја иницијатива што придонесува во оваа насока. Зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка и зголемувањето на инвестициите се од клучно значење за овозможување инклузија на секое дете, без разлика на предизвиците со кои се соочува. Ова е наша колективна и човечка одговорност и задача,“ рече Африм Гаши, претседател на Собранието.
„Уверена сум дека заедно ќе продолжиме да напредуваме во остварувањето на правата на децата – преку донесување закони и буџети, обезбедување надзор над нивното спроведување и, најважно, преку нашето колективно лидерство и посветеност. Инвестирањето во правата на децата не смее да се гледа како трошок – туку како инвестиција во децата денес и иднината на Северна Македонија утре“, рече претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер.
Таа истакна дека работата на УНИЦЕФ со Собранието тука и низ целиот свет покажа дека правата и благосостојбата на децата ги обединуваат сите чинители, без оглед на нивната припадност на одредена политичка партија. „Парламентарците можат да станат важни застапници на правата на децата и оттаму тие имаат единствена можност да поттикнат поинклузивно, праведно и просперитетно општество за сите.“
Основа за денешната дискусија беше Анализата на состојбата на децата и адолесцентите во Северна Македонија, која беше спроведена со поддршка од УНИЦЕФ во 2024 година, за да се разгледа напредокот на земјата кон остварување на правата на децата и постигнување на Целите за одржлив развој и притоа ниедно дете да не биде запоставено.
Извештајот истакнува дека и покрај добриот напредок постигнат во некои области на правата на децата, особено во намалувањето на смртноста кај доенчињата и децата, напредокот во други области е во застој, па дури и се уназадува. Високите стапки на детска сиромаштија, лошите резултати во учењето и широката употреба на насилна дисциплина дома се постојани предизвици. Во исто време, се појавија нови проблеми, вклучувајќи го загадувањето на воздухот и други опасности од животната средина, менталното здравје на децата и адолесцентите и растечкото онлајн насилство и говорот на омраза.
Учесниците се вклучија во дискусија за напредокот што земјата го постигна во унапредувањето на правата на децата од ратификацијата на Конвенцијата за правата на детето во 1993 година до денес, како и во дискусија за клучните области кои бараат континуирани напори, како што е нагласено во Заклучните забелешки за Северна Македонија на Комитетот за правата на детето на Обединетите нации. Овие препораки опфаќаат мерки во областите на координација, недискриминација, насилство врз децата, деца со попреченост, здравствените и образовните услуги.
На крајот од консултативната дебата, учесниците се согласија да организираат дополнителни брифинзи со надлежните собраниски комисии за да разговараат за областите за понатамошно усогласување на националното законодавство со одредбите од Конвенцијата за правата на детето.