Во време кога капиталот ја гаси секоја искра на отпор, платите стагнираат, цените растат, а власта парче по парче ги крати работничките права и ја продлабочува социјалната неправда, време е за работничка солидарност. 1 Мај е денот кога работникот треба да покаже дека неговиот глас никогаш нема да биде замолчен, порачуваат од политичката партија Левица.
Од партијата велат дека владата на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ со своите празни ветувања за обновување на „гордоста“, оставила работниците да се борат сами за своето егзистенцијално опстанување, додека постепено се губи достоинството на трудот.
„Партиите на олигархијата, исклучени од реалноста, за нецелосен мандат на власт, во повеќе наврати ја демонстрираа својата оттуѓеност од реалните потреби на работниците и наклонетоста кон интересите на капиталот, и бессрамно одбија реални решенија за подобрување на правата на работникот, додека тие уживаат во своите удобни фотељи. Така за само неколку месеци власт во работникот доби зголемена сиромаштија и институционализирана неправда која ги погодува најранливите во општеството.
Потсетуваме дека, додека Левица нудеше законски решенија за подобрување на работничките права – работникот да добива надоместок за патни трошоци, платата да ја добива навреме до 5-ти во месецот, избегнувајќи непотребни казнени камати за задоцнето плаќање, породилно отсуство за мајките од 18 месеци, владата на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ јасно застана на страната на капиталот и ноншалантно ги одбиваше сите предлози кои значеа враќање на достоинството за работникот, а најлошо од сѐ – се изземаа од трипарттитниот договор со капиталистите, кадешто требаше да бидат гарант дека работниците ја имаат подршката од државата“, велат од Левица.
Затоа, велат од атаму, 1 Мај не е ден за тишина – 1 Мај е ден за отпор, за гласно, организирано не на капиталистичкиот систем што ги гази нашите животи.
„За систем што ќе служи на работникот, а не на профитот. Левица како единствена партија која се бори за подобар статус на работникот, го подржува протестот на ССМ за 1 Мај, и ги повикува сите работници на сплотеност и истрајност во борбата за работничките права“, се вели во соопштението на Левица.