Големиот работник во одбраната ги прекина преговорите со Баерн и си договори трансфер во Франција

Дерби

30/04/2025

13:21

595

Големина на фонт

а а а

Баерн Минхен е на чекор од освојување на титулата во германската Бундеслига, а во ситуација кога се чека заверка на освоениот трофеј, полека се прават и планови за тоа како ќе изгледа тимот наредната натпреварувачка сезона.

Венсан Компани одговори позитивно во првата сезона на највисоко европско ниво како тренер и ќе добие шанса да го подобри актуелниот ростер на играчи, од кој дел сепак нема да биде големиот работник во одбраната.

Ерик Даер се покажа како важен играч во ротацијата на Компани и покри многу „дупки“ кои се јавија во текот на сезоната, но англискиот фудбалер сега и дефинитивно нема да ја продолжи својата кариера на „Алијанц арена“.

Иако Баерн Минхен му понуди продолжување на соработката до 2026-та година, Даер решил да не стави потпис на договорот, од едноставна причина што германскиот клуб не сакал да ја израмни понудата која ја имал на маса од Монако.

Францускиот клуб му понудил двегодишен договор на 31-годишниот дефанзивец, а бидејќи Баерн не сакал да го направи истото, на крајот преговорите многу брзо пропаднале.

Последните вести од Германија велат дека Даер ги известил челниците на Баерн дека ја прифатил понудата од Монако, па најавената прослава на титулата во Бундеслигата се очекува да биде последен негов чин како игра на баварскиот великан.