На денешната собраниска седница, каде се расправаше за интерпелацијата за министерот Панче Тошковски, на собраниската говорница се обрати пратеникот од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Малиша Станковиќ, кој даде свое видување во однос на поднесената интерпелација.
„Имаме една интерпелација која е на 15 страни од кои 12 се поврзани со трагедијата во Кочани, а само три страни се поврзани во една глава наречена други причини за интерпелација неповрзани со трагедијата во Кочани, овие три последни страни се всушност обид на подносителите на интерпелацијата да фрлат песок во очи на оној којшто ја чита интерпелацијата односно да направат една прикаска дека не се работи само за Кочани туку и дека има и некои други. Зошто им е потребна оваа прикаска затоа што ако се работи само за Кочани ќе се потврдат сите оние тези коишто се кажуваа од трагедијата во Кочани навака дека токму опозицијата ќе се обиде да го злоупотреби овој немил настан којшто остави длабоки траги во срцето на секој еден Македонец, и еве тоа се потврдува“, истакна Станковиќ.
Пратеникот Станковиќ истакна дека интерпелацијата поднесена од страна на Левица покажува многу нелогичности, посебно во одредена точка од истата и потенцираше дека се работи за политичка интерпелација поднесена од страна на Левица.
„Дека се овие три последни страни нелогични зборува оваа 7 точка која се вика непостапување при палење на македонското знаме. За потсетување на јавноста ДУИ поднесе интерпелација за министерот Тошковски токму за оваа работа тврдејќи дека тогаш полицијата и министерот Тошковски треба да си поднесе оставка тогаш полицијата наводно прекумерно постапила, за сега подносителот на истата интерпелација да не убедуваа во оваа точка дека полицијата всушност не постапила, кога треба да ја зборуваме вистината тогаш кога ДУИ поднесува интерпелација или во овој случај Левица. Се работи за политичка интерпелација“, вели Станковиќ.
Тој продолжи и додаде дека министерот Тошковски доследно транспарентно и успешно работи, со оглед на пустошот што е наследен од минатата власт, но резултатите ги има на дело со бројни разрешени случаи.
„За да се оцени работата на еден министер дали добро работи или не прво нешто што треба да направиме е да видиме каква состојба наследил министерот, па никој, во оваа држава не е несвесен дека системот во оваа држава комплетно пропаднат. Министерот Панче Тошковски и она што го пренеле медиумите сузбивање на криминална група, расчистување на случаи со оружје, разбиена криминална група, 28 натписи за период од четири месеци, па тоа ли е министер кој не работи? СДС не се осуди на ваква интерпелација затоа што знаат дека нема што да кажат. ДУИ се обиде да направи политички маневри но они на етничка конотација ја водат својата политика и таму нема успех. И сега за крај ја наоѓаат Левица, таа која што поднесува интерпелација па сите заеднички да се надоврзат и да се залепат кон истата“, рече Станковиќ.