„Марш за ангелите“ – семејствата на жртвите во пожарот во Кочани на протест во Скопје

Макфакс

29/04/2025

08:41

284

Големина на фонт

а а а

Семејствата на загинатите во трагичниот пожар во Кочани за денеска најавија протестен „Марш за ангелите“ во Скопје.

„Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат, па пуштаат. Свесни ли се за и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со ‘фати, па пушти’, без да има јасно образложение за таа законска процедура и што се создава во нашите мисли, кои се на работ на себеуништување“, се истакнува во писменото известување од семејствата.

Во повикот е нагласено дека тие и понатаму ќе бараат одговори за насилната смрт на нивните деца, а за учество на маршот ги повикуваат сите граѓани на Македонија.

Маршот, според најавите, ќе почне пред Oбвинителството во Скопје во 12.05 часот како симболика за задоцнетата реакција на институциите, а ќе продолжи кон плоштадот Македонија и ќе заврши пред Собранието.