Пратениците денеска треба да расправаат за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поднесена од пратеничката група Левица. Пленарната седница е закажана во 11 часот.
Левица ја поднесе интерпелацијата на 14 април поради тоа што, како што велат од партијата, Тошковски несоодветно ја извршувал функцијата, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР.
Од Левица велат дека интерпелацијата е базирана на десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагичната несреќа во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени. Според партијата, МВР потфрлило и во тоа што долг период во истрагата не биле вклучени функционери и носители на функции блиски до ВМРО-ДПМНЕ.