Американскиот претседател, Доналд Трамп, јасно стави до знаење дека сака трајно примирје во Украина, а не привремен прекин на непријателствата, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит.
Таа зборуваше откако рускиот претседател Владимир Путин објави тридневно примирје од 8 до 11 мај, по повод 80-годишнината од крајот на Втората светска војна.
„Претседателот сака да види трајно примирје што ќе ги запре убиствата и крвопролевањето“, рече Левит.
Таа додаде дека Трамп останува оптимист за можноста за постигнување договор, но дека е сè повеќе фрустриран од лидерите на двете страни, кои, како што рече, мора да седнат на маса и да преговараат за излез од конфликтот.
Левит, исто така, нагласи дека недамнешната средба меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во базиликата Свети Петар покажала дека Трамп сака повторно да биде претседател кој носи мир, како што беше во неговиот прв мандат.