Осуммина припадници на специјалната единица на МВР, од кои четворица битолчани, на денешен ден пред 24 години, загинаа во масакрот кај селото Вејце во конфликтот во 2001 година.
Во нивна чест пред споменикот на загинатите бранители во кругот на СВР Битола, споменикот „Ангел“ кај Саат-кулата и споменикот на Бошко Најдовски во Долно Оризари, свежо цвеќе положија градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, претседателката на Советот, Габриела Илиевска, со претставници на Советот на Општината, полицијата, семејствата на загинатите, политичките партии и граѓаните.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, истакна дека Битола секогаш ќе се сеќава на Марјан Божиновски, Илче Стојановски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски, со должна почит за прерано загубените млади животи и болката што остана во нивните семејства.
„Денес, им оддаваме почит на нашите битолчани, четворицата херои што го дадоа животот бранејќи ја татковината во Вејце. Да укажеме уште еднаш дека опомена за нас, за сите генерации, за помладите, е тоа дека она што се случило никогаш повеќе да не се повтори затоа што само единството, разбирањето, меѓусебната почит и разговорот може да нè доведат до просперитет на оваа држава и овој град. Слава на хероите, слава на јунаците, слава на бранителите на нашата таковина!“, рече градоначалникот Тони Коњановски.