[ФОТО] „Ѓаволски град“ – Српското чудо на природата кое може да ги исплаши и најхрабрите посетители

Точка

28/04/2025

14:05

1.478

Големина на фонт

а а а

Во јужна Србија, на околу 90 километри од Ниш, на надморска височина од приближно 700 метри, никнал суров пејзаж кој изгледа како да не е од оваа планета.

Споменикот на природата „Ѓаволскиот град“ среде планината Радан има 202 земјени дворци, пирамиди или кули (како што уште се нарекуваат) со камени капи, со висина од два до 15 метри и ширина од три метри.



Кулите се обликувани од природата; тие растат, се менуваат, се скратуваат, постепено исчезнуваат и повторно се појавуваат под влијание на дожд и ветер. Додека пак ветровите во Ѓаволскиот град можат да ги исплашат дури и најхрабрите кога ќе почнат да свиркаат низ столбовите. Исто така и невообичаените извори на вода, придонесуваат за уникатниот геолошки феномен во Србија.



Имено Ѓаволската вода изненадува со својот исклучителен минерален состав и екстремна киселост, додека Црвениот извор има впечатлива боја, која ја должи на оксидацијата на железото.



Според легендата, столбовите претставуваат скаменети ѓаволи што луѓето ги носеле на грб, страдајќи од секакви зла. Откако ја поминале ноќта во близина на црквата Света Петка, биле ослободени од демоните, кои се скамениле. Обичај е болните луѓе што го посетуваат тоа место со марамче да го допрат делот од телото што им предизвикува тешкотии, а потоа да го врзат за столб, за Петка да им помогне, а болеста да остане во Ѓаволскиот град.


Оваа донекаде мистична област е окружена со остатоци од населби и рударски јами. Ѓаволскиот град е дел од село наречено Ѓаке, кое го добило своето име од албанскиот збор за крв. Во околината, посетителите можат да ја истражат и неолитската населба Прочник или да ја посетат Бранковата кула на ридот во селото Рудар, ѕид од правилни камени блокови што изгледа како да го направиле луѓе, а не природата.


Посетителите на Ѓаволскиот град имаат на располагање и виртуелни водичи преку „QR“ кодови лоцирани во близина на главните туристички атракции. Преку текстот на српски и англиски јазик, можат подобро да го запознаат ова чудо на природата. Инаку сезоната започнува во март, а цената на билетот е 3 евра.