Семејствата на загинатите во трагичниот пожар во Кочани за утре, 29 април, најавија протестен „Марш за ангелите“ во Скопје.
„Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат, па пуштаат. Свесни ли се за и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со ‘фати, па пушти’, без да има јасно образложение за таа законска процедура и што се создава во нашите мисли, кои се на работ на себеуништување“, се истакнува во писменото известување од семејствата.
Во повикот е нагласено дека тие и понатаму ќе бараат одговори за насилната смрт на нивните деца, а за учество на маршот ги повикуваат сите граѓани на Македонија.
Маршот, според најавите, ќе почне пред Oбвинителството во Скопје во 12.05 часот како симболика за задоцнетата реакција на институциите, а ќе продолжи кон плоштадот Македонија и ќе заврши пред Собранието.