Додадениот шеќер се наоѓа во многу секојдневни прехранбени производи, а ние честопати го консумираме несвесно. Многумина луѓе секојдневно консумираат премногу шеќер, што може да има негативни здравствени последици на долг рок.
Додадениот шеќер се наоѓа во различни производи, вклучувајќи газирани пијалаци, засладени чаеви, десерти, сосови, преливи и џемови, додека природните шеќери од овошјето и зеленчукот содржат корисни хранливи материи.
Бидејќи шеќерот често е скриен во неочекувани намирници, количеството на шеќер кое го внесуваме лесно може да биде поголемо отколку што мислиме. Нутриционистката Линдзи Фенцл за порталот „Eating Well“, ги истакнала најчестите промени на кои треба да обрнете внимание ако сте загрижени за количината на шеќер во вашата исхрана.
Рецепторите за вкус се адаптираат
Ако често консумирате храна богата со шеќер, вашите рецептори за вкус можат да станат помалку чувствителни на сладост. Нутриционистката Фенцл објаснила дека „високите нивоа на шеќер можат да ја намалат чувствителноста на рецепторите, па затоа ви треба сè повеќе шеќер за да го постигнете истото чувство на задоволство. Шеќерот го стимулира ослободувањето на допамин, невротрансмитер поврзан со чувството на среќа и мотивација, што може да создаде навика од која е тешко да се откажете“, пренесе „Eating Well“.
Го започнувате и завршувате денот со блага храна
Ако го започнувате утрото со кроасан и засладено кафе, а денот го завршувате со сладок десерт, многу лесно можете да го надминете препорачаниот дневен внес на шеќер. На пример, голем кроасан и благо кафе можат да содржат речиси 40 грама шеќер, а дополнителна порција сладолед по вечерата може да ви донесе до 55 грама шеќер дневно.
Уморни сте дури и по спиење
Недостатокот на сон може да ја зголеми желбата за блага и висококалорична храна, а консумирањето шеќер дополнително го нарушува квалитетот на сонот. Брзите скокови и падови на нивото на шеќер во крвта по оброците богати со шеќер можат да доведат до замор, глад и повторена желба за благо, создавајќи маѓепсан круг на исцрпеност.
Постојано сте жедни
Прекумерната жед може да биде знак за прекумерен внес на шеќер. Кога нивото на шеќер во крвта е високо, телото се обидува да го елиминира вишокот преку урина, што предизвикува зголемена жед. Ова може да биде и ран знак за дијабетес тип 2, па затоа е важно да обрнете внимание и да се консултирате со лекар ако забележите какви било перзистентни промени.
Вашиот холестерол се зголемува
Иако можеби не го поврзувате шеќерот со нивото на холестерол, истражувањата покажувале дека високиот внес на шеќер може да го зголеми нивото на ЛДЛ „лош“ холестерол и триглицериди. Вишокот шеќер во телото го стимулира производството на масни киселини, што може негативно да влијае на здравјето на срцето.
Имате повеќе кариес
Храната богата со додаден шеќер го зголемува ризикот од кариес. Бактериите во устата ги претвораат шеќерите во киселини кои ја оштетуваат забната глеѓ. Ако забележите дека имате повеќе кариес од вообичаено, тоа може да биде поврзано со прекумерен внес на шеќер.
Забележувате зголемување на телесната тежина
Храната богата со шеќер честопати има ниска содржина на други важни хранливи материи, а истовремено е богата со калории. Бидејќи таквата храна е многу вкусна и лесно е да се прејадете, со текот на времето таа може да придонесе за зголемување на телесната тежина. Важно е да се нагласи дека ниедна храна сама по себе не предизвикува зголемување на телесната тежина, туку пресудни се севкупните прехранбени навики.