„Зеленски е подготвен да го предаде Крим“ — Трамп за средбата со украинскиот претседател на погребот на папата и неговото разочарување од Русија: „Путин треба да престане да пука и да потпише“

Точка

28/04/2025

09:30

889

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека смета оти неговиот украински колега Володимир Зеленски е подготвен да го предаде Крим на Русија како дел од мировен договор, и покрај претходното одбивање на Киев да се согласи со таква иницијатива.

Би-Би-Си објави дека Трамп одговорил потврдно кога бил прашан дали верува дека украинскиот претседател е подготвен да ја предаде контролата врз јужниот полуостров, кој Русија нелегално го анектираше во 2014 година.

– Мислам дека да – изјави Трамп.


Шефот на Белата куќа, исто така, го повика рускиот претседател Владимир Путин да „престане со пукањето, да седне и да потпише договор“ за прекин на огнените дејства, сугерирајќи дека договорот може да се постигне за две недели.


Британската медиумска служба објави дека Трамп ги дал овие коментари пред новинарите по враќањето од Ватикан, каде што имал кратка средба со Зеленски пред погребот на папата Франциск.

Трамп рече дека состанокот „поминал добро“ и дека тие накратко разговарале за Крим.


Американскиот претседател, исто така, изјави дека Зеленски сега изгледа „посмирен“, што веројатно се однесува на нивниот јавен судир во Белата куќа во февруари.

Украина постојано одбива да направи какви било територијални отстапки, нагласувајќи дека за териториите може да се разговара само по постигнување прекин на огнот.


Ниту Зеленски, ниту рускиот претседател Владимир Путин досега јавно не одговориле на најновите коментари на Трамп.

– Верувам дека ја имаме основата на договорот и сакам тој (Путин) да го потпише и да го заврши тоа – рече Трамп.


Вашингтонскиот веб-сајт The Hill објави дека Трамп го повторил своето разочарување од Путин поради смртоносниот напад на Русија врз украинската престолнина Киев минатата недела, кој е прв таков напад по пауза од девет месеци.

Најмалку девет лица загинаа, а повеќе од 70 беа повредени во нападите со ракети и беспилотни летала, меѓу кои и шест деца.


– Бев многу разочаран што ракетите беа испукани од Русија – рече Трамп, додавајќи дека бил „изненаден и разочаран, многу разочаран, што ги бомбардираа тие места по разговорите“.