Жена во Шпанија ја продала новородената ќерка за 2.000 евра на двојка која не можела да има деца

Макфакс

25/04/2025

21:53

609

Големина на фонт

а а а

Шпанската полиција уапси 37-годишна жена која ја продала својата новородена ќерка на пар кој се лекува од неплодност, јавува АФП.

Полицијата соопшти дека жената била уапсена минатиот месец во Мостолес, јужно предградие на Мадрид. Брачен пар осомничен за купување дете и двајца нивни роднини беа уапсени во јужниот град Кордоба.

Според прелиминарната истрага, жената се согласила да им ја предаде својата новородена ќерка на двојката за 2.000 евра. Сепак, по породувањето, таа се предомислила и побарала да ѝ го вратат детето.

Двојката, според АФП, одбила да го врати бебето освен ако жената не им го врати платениот износ, плус дополнителни 1.000 евра за покривање на трошоците што тврделе дека ги направиле во текот на месецот што го поминале со неа во Кордоба пред да се роди детето.

Полицијата започна истрага откако една жена поднесе жалба тврдејќи дека семејство во Кордоба го „киднапирало“ нејзиното новородено бебе. Детето е предадено во центар за заштита на деца во Кордоба. Полицијата, исто така, објави дека властите ѝ одзеле уште шест деца на жената во 2022 година поради занемарување.