Пешевски: Повисоки плати не се 500 евра плата, туку 500 евра минимална плата

Макфакс

25/04/2025

16:12

1.470

Големина на фонт

а а а

Според потпретседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија за приватниот сектор, Иван Пешевски, приватниот сектор во Македонија е главен двигател за економската состојба на државата.

Приватниот сектор, како што посочи, е нешто што мора веднаш да се подобри со квалификуван кадар и млади луѓе.

„Но, за овие две работи, потребни се достоинствени, односно безбедни услови за работа и повисоки плати. Повисоки плати не се 500 евра, туку 500 евра минимална плата, која ќе се множи со коефициентот на сложеност и со тоа ќе пораснат и другите плати“.


Во овие дејности од приватниот сектор, како што истакна, не треба да има плати помали од 50.000 и 60.000 денари и барањето се однесува на сите работодавци од приватниот сектор, особено на оние што пред некој ден се изјасниле дека нема квалификуван кадар.

Пешевски им порача дека кадарот ќе недостига уште повеќе доколку работодавците не ја зголемат платата.

Потсети дека ССМ активно работи на правна заштита на работниците и појасни дека во текот на 2024 година бесплатна правна помош и заштита добиле над 12.234 работници, кои се обратиле до ССМ.

Тој објави дека додека се разгледува барањето на ССМ за бројот на членови, пријавени се повеќе напади кон членовите на гранките во ССМ, како и притисоци за отчленување и фаворизирање друг синдикат, кој не бара зголемување на платите.

„Оттука, се сомневаме дека можеби и затоа тој е омилен синдикат на Владата. Нашиот апел е да не се наседнува на ваков тип на притисок“, порача тој.


Ги повика работниците да се приклучат кон првомајскиот протест, а Владата и газдите, конечно, да ја побараат вината во своите редови бидејќи, како што рече, државата ќе остане и без тие работници.

Итно зголемување на платите, особено на работниците во приватниот сектор, порача Пешевски.