Директорот Данијел Апостолоски за "DW" изјавил дека не постои опасност да се урне кровот, но базенот нема да работи поради безбедносни причини.
Кровната конструкција на базенот "Борис Трајковски" попушти, поради што истиот привремено ќе биде затворен. Директорот Данијел Апостолоски за "DW" изјавил дека нема опасност кровот целосно да се урне, но базенот нема да работи во наредните 40 дена од безбедосни причини.
„Од Градежен факултет направија испитувања и утврдија дека носечката челична конструкција е добра, меѓутоа секундарната којашто е под неа била реконструирана во 2010 година. Најверојатно проектот не бил во целост имплементиран. Низ годините, топлотната пумна не работела, а се појавувале и други проблеми. Кондензацијата на воздухот и влажноста во базенот си го направиле своето и се било корозирано“, вели Апостолоски, пренесува "DW".
Од покривот на објектот паднала фасадна лајсна, која не била тешка и не можела да предизвика поголем проблем, но сепак била доволна причина за аларм.
Според Апостолоски во игра се две опции - преодно, со кое во краток рок ќе се санира објектот додека не се направи поголема реконструкција или пред нова година да се започне посериозна реконструкција која би траела повеќе месеци, односно вадење на постоечкиот и поставување на нов кров.
Базенот беше реновиран во 2010 кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, а директор на објектот беше Ратко Капушевски.
Капушевски од минатиот месец е во притвор за случајот за злоупотреби во набавки на мазут и перење пари, со што е оштетен буџетот на државата за 167 милиони евра, пишува "СДК".