Рускиот претседател Владимир Путин денес ги повика водечките руски економски претставници да ги искористат можностите што се појавуваат поради турбуленциите на глобалните пазари и интензивирањето на трговските војни, објави Ројтерс.
Изјавите на Путин доаѓаат во време кога Русија се соочува со последиците од долгогодишните западни санкции поради тоталната инвазија на Украина, но во исто време не е засегната од новите американски царини што претседателот Доналд Трамп ги воведе врз голем број други земји.
„Глобалната економска ситуација станува сè посложена бидејќи пазарите на стоки и финансиски производи доживуваат значителни флуктуации поради зголемената глобална конкуренција“, рече Путин, додавајќи дека е потребно „не само да се следат овие фактори, туку да се користат за развој на домашното производство, трговските односи и извозот, со цел зајакнување на националната економија како целина“.
Ова е прв пат Путин јавно да зборува за глобалната економска ситуација откако Трамп најави царини за речиси целиот свет. Иако санкциите силно ја погодија руската трговија со ЕУ и САД, руската економија бележи поотпорен раст од очекуваниот во последните три години, но сега се соочува со пад на цените на нафтата, нејзиниот главен извозен производ, и намалување на буџетските приходи.
Средбата со економските претставници се одржа еден ден пред одлуката на руската централна банка за референтната каматна стапка, која моментално изнесува 21%, што е највисока од првите години на владеењето на Путин. И централната банка и Министерството за финансии, чии раководители беа присутни, предупредија за можните последици од глобалната нестабилност за руската економија.