Мицкоски: Истрагата за Кочани ја води Обвинителството, не Владата

Макфакс

24/04/2025

13:21

495

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања потенцира дека Обвинителството ја води истрагата за несреќата во Кочани, а не Владата, и токму Обвинителството кажува кој ќе биде опфатен и посочи дека во моментот 68 лица се опфатени, меѓу кои има актуелни функционери, што во време на СДСМ беше невозможна мисија.

„Не мислев дека можете толку ниско да се спуштите и сè уште да се обидувате да се качите на бранот на колективната трагедија, која ја зафати државата. Барем пратеничката група на СДСМ има најмалку право да зборува за морал. Што се однесува за оставките, за 5 месеци од денеска ќе почне кампањата за локалните избори и граѓаните ќе кажат чија политичка кариера завршува, чија продолжува и во каква форма. Граѓаните ќе кажат. Тоа што играте на картата на кратко помнење и континуирано ги навредивте граѓаните мислејќи ќе добиете политички поени, ве советувам, не, нема да добиете, туку губите“, изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Митко Трајчулевски.

Премиерот Мицкоски му појасни на пратеникот дека истрага води Обвинителството и тоа кажува кој треба да биде приведен, а не Владата.

„Нека ви кажат сопартијците за модуларната болница, за Ласкарци и за ‘Беса транс’ колку беа опфатени со истрагата и колку кривични пријави беа поднесени во тој момент. Ако не ви кажат, набргу од денеска ќе има расправа во Собранието и ќе слушнете од другите колеги пратеници зошто, кој и како. Истрагата за Кочани ја води јавниот обвинител, не јас, не Владата. Ако јавниот обвинител одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведат. Седум години не затворавте, не приведувавте и до ден-денеска ВМРО-ДПМНЕ е под прогон на обвинители од времето кога СДСМ ги бираше. Издржавме и затворот е за мажи, а во нашиот случај и за жени. 68 лица досега се опфатени во истрагата од страна на јавниот обвинител, Обвинителството и сите што се задолжени за ова. За разлика од модуларната болница, Ласкарци, ‘Беса транс’, каде што починаа 75 наши сограѓани, имаше нула. Овде има 68 лица, дали ќе бидат 168 ќе каже Обвинителството, не јас, не министерот за внатрешни работи, туку Обвинителството заедно со судот одредуваат“, потенцира премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека да нема дилема, ако обвинителот рече дека треба да се приведат високи функционери од оваа Влада, ќе се случи тоа.

„Еден член на Владата е во притвор. Во ваше време тоа беше невозможна мисија. Повикани на информативен разговор високи функционери од страна на Обвинителството, не од моја страна, не од страна на министерот за внатрешни работи. Истите обвинители и судии што вие ги избиравте, вашиот Совет за јавни обвинители и Судскиот совет, кои вие ги избиравте, не ВМРО-ДПМНЕ, и треба работите правилно да се кажуваат, македонската јавност треба да ја знае вистината. Актуелен градоначалник е притворен, во време на СДСМ тоа беше невозможна мисија“, рече Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека нема да се заборават случаите, како модуларната болница, „Беса транс“ и Ласкарци, и дека нема да помогне ниту шверцерски поминатиот Кривичен законик со европско знаме.