Речиси третина од фирмите, чии лиценци ќе се одземаат, имаат блокирана сметка или се неактивни, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации

Макфакс

24/04/2025

13:19

2.491

Големина на фонт

а а а

Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за фирмите кои се на списокот што го објави Министерството за транспорт и врски за одземање на нивните лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање, а по спроведените контроли и трагичниот настан во Кочани.

Иако на списокот на фирми на кои ќе им се одземат лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање што го објави Министерството за транспорт и врски има 479, всушност лиценци ќе им се одземат на 426 фирми бидејќи на списокот има некои фирми што се повторуваат, а други на кои им се одземаат по неколку лиценци.

Истражувањето за фирмите на кои ќе им се одземат лиценци за градежно работење и урбанистичко планирање што го објави Министерството за транспорт и врски покажува дека на фирмите ќе им се одземаат 11 вида лиценци. Вкупно ќе бидат одземени 471 лиценца.

Истражувањето открива дека:

– Лиценци ќе им се одземат на 426 фирми бидејќи од 479-те фирми на списокот, има некои што се повторуваат, а други на што им се одземаат по неколку лиценци;

– На фирмите ќе им се одземаат 11 вида лиценци, а вкупно ќе бидат одземени 471 лиценца;

– За најголем дел од фирмите лиценците што ќе им се одземат не се услов за фирмите да работат и да добиваат државни тендери;


– Во моментот, само 49 од фирмите што се на листата за одземање лиценци имаат актуелни договори за јавни набавки во вкупна вредност од 26 милиони евра;

– Сепак, само 23 фирми што имаат важечки договор за јавна набавка, всушност, ќе ја загубат лиценцата што била услов за добивање на тендерот. Овие фирми имаат вкупно 58 договори за јавна набавка, чија вкупна вредност изнесува 14 милиони евра;

– Од сите фирми на списокот, 101 има добиено тендер во последните три години, во вкупна вредност од 77 милиони евра;

– 28 % од фирмите за одземање лиценца се со блокирана сметка или се правно или деловно неактивни, а другите се активни;

– Приходи оствариле 85 % од фирмите во вкупна годишна вредност од 128 милиони евра (за 2023 година, која е последната година за која има објавено податоци);

– Најголем дел од фирмите остваруваат ниски годишни приходи. Секоја трета (31 %) од фирмите има годишен приход помал од 15 илјади евра, а приходи поголеми од 1 милион евра имаат само 33 фирми, односно 8 %;

– Во сите овие фирми работат 2.188 луѓе. 4 % од овие фирми немаат вработен, а 3 % имаат само еден вработен. Со повеќе од 10 вработени се само 3 % од фирмите.