Владата ја прави премиерот, ако тој смета дека Алијанса за Албанците не треба, ние немаме никаков проблем, вели Таравари

Макфакс

24/04/2025

11:27

334

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство и лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, не сака да избрзува со носење какви било политички одлуки во овој момент.

Таравари денес кажа дека имаат одлука само за советничките листи на претстојните локални избори и остануваат на ставот дека во трка за албанските гласови ќе одат сами, како Алијанса за Албанците, а не како дел од коалицијата „Вреди“ која, пак, ги донесе на власт. Напуштањето на коалицијата „Вреди“ за локалните избори Таравари не смета дека е причина за напуштање и на Владата, но доколку премиерот, како единствено лице што ја формира Владата одлучи дека Алијанса за Албанците не е потребна, нема да имаат проблем со тоа.

„Напуштањето на ‘Вреди’ не мора да значи и напуштање на Владата. Владата ја прави премиерот. Јас сум разговарал со премиерот, доколку тој смета дека Алијанса за Албанците не треба, ние немаме никаков проблем, меѓутоа мислам дека во овој момент Алијанса за Албанците треба. Доколку донесат таква одлука нема никаков проблем. Не може никој друг да каже освен тој што формира Влада. Со него ќе се видиме, се слушаме, во комуникација сме, така да ќе видиме во следните денови. Затоа ви велам во овој момент треба да бидеме што порационални, да не брзаме“, рече министерот Таравари денес при посетата на кумановската болница.

Тој смета дека реакциите за одвојувањето на Алијанса за Албанците од коалицијата „Вреди“ за локалните избори не се ништо друго освен емотивни.

„Ние како политичка партија одлучивме да излеземе со сопствени советнички листи исто како што одлучи и ЗНАМ да излезе со сопствени советнички листи меѓутоа во една меѓусебна политичка поддршка со ВМРО. Исто и ние понудивме на ‘Вреди’. Ние излегуваме со наши советнички листи, доколку сте подготвени тука сме и јас гледам емоционални реакции од тоа што остана во ‘Вреди’. Овој период ние треба да бидеме многу внимателни, многу умни и да се обидеме да бидеме што порационални бидејќи се работи за политика. Јас овој период не сакам да давам прогнози и гледам што поопрадвано да донесуваме одлуки. На крајот на краиштата доколку ‘Вреди’ се одлучни во тоа што го кажуваат овие четири – пет дена ние како политичка партија ќе ги видиме нашите опции за нашите кандидати кои ќе бидат за градоначалници“, вели министерот Таравари.

Министерот за животна средина, пак, и досегашен коалициски партнер на Таравари, Изет Меџити, цврство стои на ставот дека Алијанса за Албанците освен од „Вреди“, која веќе прераснува во една политичка партија, треба да излезе и од Владата оти не може и да остане дел од Владата и да преговара со ДУИ.