Aдминистрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, ќе ја разгледа можноста за намалување на царините на стоките увезени од Кина во зависност од преговорите со Пекинг, изјави извор запознаен со ова прашање, додавајќи дека нема да има еднострани потези.
Изворот го кажа ова по извештајот на „Волстрит журнал“ дека Белата куќа размислува да ги намали тарифите за увоз на кинески стоки во обид да ги намали тензиите.
Царините за Кина ќе бидат намалени од сегашното ниво од 145 отсто на меѓу 50 и 65 отсто, пишува весникот, цитирајќи официјален претставник на Белата куќа.
„Ќе имаме фер договор со Кина“, им рече Трамп денеска на новинарите, но не ги коментираше деталите од извештајот на „Волстрит журнал“ . Претседателот, исто така, во вторникот изрази оптимизам дека е можен договор за пониски царини.
Портпаролот на Белата куќа, Куш Десаи, рече дека секоја вест за царините е чиста шпекулација освен ако не доаѓа директно од Трамп.
Покрај високите царини за Кина, Трамп воведе и царини од 10 отсто за сите други увозни производи во земјата, како и повисоки царини за челик, алуминиум и автомобили. Тој ги суспендираше специјалните царини за десетици други земји до 9 јули и навести можност за воведување дополнителни царини за фармацевтските производи и полупроводниците. Ова ги наруши финансиските пазари и ги зголеми стравувањата од рецесија.
Меѓународниот монетарен фонд вчера објави дека царините ќе го забават економскиот раст и ќе го зголемат задолжувањето ширум светот.