Винарија со „брендирано вино“ и храм на Рамзес – Откриена античка населба која ја изградил таткото на Тутанкамон

Точка

23/04/2025

15:19

806

Големина на фонт

а а а

Археолозите откриле населба стара околу 3.400 години во северозападниот дел на делтата на Нил во Египет, од периодот на Новото кралство, во чиј центар се наоѓал храм, најверојатно посветен на фараонот Рамзес II.

Француските археолози дошле до несекојдневно откритие на остатоци од египетскиот град во близина на денешна Александрија, за кој се претпоставува дека бил изграден од фараонот Ехнатон, таткото на познатиот Тутанкамон.

Според студијата објавена во списанието „Antiquity“, урнатините од кал датираат од 18-та династија на Египет (помеѓу 1550 и 1292 година пр. н. е.), период познат по своето богатство и големите религиозни превирања.

Населбата наречена Ком ел-Нугус се наоѓа на околу 45 километри западно од Александрија, на карпесто плато помеѓу Средоземното Море и езерото Мариут. Иако ископувањата започнале во 2013 година, долго се верувало дека оваа област била населена дури во хеленистичкиот период, по доаѓањето на Грците околу 332 година пр. н. е.


„Откривањето на остатоци од Новото Кралство на ова место беше големо изненадување. Ова го менува досегашното разбирање за западната граница на Египет во тој период“, изјавил за „New Scientist“ водечкиот археолог Силвен Дненин од Универзитетот во Лион и Францускиот национален центар за научни истражувања.

Едно од најинтересните наоди се фрагменти од амфора со печат на името „Меритатон“, за која се верува дека била најстарата ќерка на фараонот Ехнатон и кралицата Нефертити, а со тоа и сестра или полусестра на Тутанкамон. Овие печати покажуваат дека населбата можеби била винарија посветена на неа, што сугерира дека кралските печати и заштитата на производите постоеле и во древниот Египет.

„Присуството на овој печат најверојатно покажува дека овде се произведувало вино кое припаѓало на кралскиот имот. Лозјата на границите на Египет веројатно биле под воена заштита и биле дел од стратегијата за проширување на оваа област кон пустината“, објаснил Дненин за „Live Science“.


Други наоди вклучуваат фрагменти од стела со картуши од фараонот Сети II (1203 – 1197 пр. н. е.) и архитектонски остатоци поврзани со храмот посветен на Рамзес II, владетелот за кој често се шпекулира дека бил фараонот од библиската приказна за Егзодусот.

Иако се уште не е позната целосната големина на оваа населба, присуството на внимателно испланирани улици, накривени за одвод на водата и заштита на зградите од ерозија, укажува на град со значителни димензии и развиеност, пишува „Euronews“.

Серија големи откритија во Египет

Ова откритие следи по серијата значајни археолошки наоди во Египет оваа година. Само еден месец претходно, археолозите ја пронашле гробницата на фараонот Тутмос II – првото фараонско почивалиште откриено по откривањето на гробницата на Тутанкамон во 1922 година.

Гробницата, откриена од британско-египетскиот тим предводен од д-р Пирс Литерленд, била скриена во западните долини на Теба, во близина на Луксор.


Само неколку дена подоцна, истиот тим објави дека можеби пронашле втора гробница на Тутмос II, закопана на 23 метри под внимателно камуфлиран насип од урнатини, варовник, пепел и кал. Литерленд верува дека гробницата може да содржи мумија на фараон и богат гробен инвентар.

На почетокот од годината, уште едно извонредно откритие дојде од Египет – француско-швајцарскиот археолошки тим го пронашол гробот на висок свештеник-лекар кој им служел на фараоните пред околу 4.000 години. Според натписите, сопственик на гробницата бил Тетинебофоу, познат лекар од времето на кралот Пепи II (околу 2305-2118 пр. н. е.).