[ВИДЕО] Габор Мате: „Верувам дека Вучиќ имал трауматично детство, кај луѓето со диктаторски тенденции секогаш постои некоја детска траума – Виктор Орбан е жив пример“

Точка

22/04/2025

15:46

501

Големина на фонт

а а а

„Не сакам политичките настани да ги сведувам на траума. Постои специфична причина за демонстрациите - Србија живее во „полудиктатура“, вели Габор Мате, канадски лекар со унгарско потекло кој ги проучува психичките здравствени проблеми - трауми, зависност, односот меѓу родителите и децата... во ексклузивно интервју за српски „Компас“.

„Знам дека луѓето се бесни поради корупцијата и лошото управување со државата. Свесен сум за тензиите во општеството и дека постои реакција од полицијата. Тоа е она што го прави полицијата ширум светот“, изјавил тој за „Компас“ и потсетил дека режимот во Унгарија е исто така авторитарен, исто како што и Соединетите Американски Држави имаат влада со цврста рака: „Луѓето веќе природно ќе се опираат на тоа. Тоа повеќе не е прашање на траума, тоа е природна човечка желба за слобода. Не сакам сè да сведувам на психологија, но траумата секогаш игра улога“.

Мате е автор на повеќе бестселери како што се „Кога телото вели не“, „Во светот на гладниот дух“ и „Расеани умови“ и е авторитет кон кој се ориентираат генерациите во бескрајната количина на содржина на социјалните мрежи. Тој беше во Србија пред неколку години, ја знае историјата на ова поднебје, следи како се развива ситуацијата по падот на настрешницата на Нови Сад и загубата на 16 животи.


Мате ги набљудува настаните во историски контекст: „Во секоја ера, главно млади луѓе, всушност студенти, започнуваа протести кои прераснуваа во барања не само за реформи, туку и за промена на системот. Мислам дека она што сега го гледаме во Србија е продолжување на долгата традиција. Многу чесна традиција, би додал.“

„Кога ќе погледнеме низ историјата, во 19 век главно студентите ги започнаа промените. Во Унгарија во 1848 година имаше бунт против Австријците, започнат од студентите. Потоа во 1956 година во Унгарија за време на комунистичкото владеење, студентите исто така започнаа протести кои подоцна доведоа до револуција. Младите луѓе се секогаш они кои почнуваат вакви протести“, вели Мате.

Тој вели дека генерации во Србија израснале под сенката на бомбардирањето на НАТО, што е голема траума за оваа земја. „Не знам до кој степен таа траума допре до децата, но знам дека многу Срби доживеаја траума, цели семејства. Децата беа истрауматизирани поради траумите на нивните родители.


Се осврнал и на студија од 2004 година која ги проучувала децата во Газа.

„Во Палестина, пред Хамас да стане посилен, 97 отсто од палестинските деца имале симптоми на посттрауматски стрес. На прашањето кој ќе стане милитант или кој ќе се спротивстави, одговорот е - тие деца. Децата ја преземаат траумата на нивните родители, која може да се канализира во позитивен отпор, но може да прерасне и во дисфункционално однесување. Ако ме прашате дали може да се излечи мултигенерациската траума, одговорот е: да, може. Но, луѓето мора да бидат многу совесни и одлучни, свесни со што се соочуваат“.

„Моќта е дрога“

Компас: Студенти пешачат низ Србија, а ги пречекуваат постари луѓе со очи полни солзи. Им нудат храна, вода, изнесуваат сè што имаат во куќата, ги гушкаат. Дали постарите лица можат да добијат емоционално исцелување преку таа младост?

Мате: Вие не поставувате лесни прашања, нели? (смеа)

Родителите не се исцелуваат преку своите деца, тие мора да се излечат самите.

Децата можат да им дадат инспирација или повод за исцелување. Работите на кои сме сведоци и кои ги опишувате - давање храна и поддршка на студентите - се случија во Унгарија кога бев дете во 1956 година. Луѓето излегоа да ги поддржат студентите и да ги прегрнат. Мислам дека тоа е природен човечки израз на благодарност за туѓата храброст и посветеност. Луѓето се трогнати кога ќе видат храброст. И сигурен сум дека многу родители посакуваат да ја имаат храброста што ја носат нивните деца. Значи, постои тоа, а потоа постои и траумата. Не би го поистоветувал едното со другото.

Компас: Реакцијата на власта е таква што универзитетските професори не земаат плата, често се приведуваат и апсат неистомислениците, а полицијата во некои случаи применува и присила. Употребен е и, како што се претпоставува, звучен топ. Како го толкувате создавањето наратив што ги убедува луѓето дека она што го почувствувале всушност не се случило?


Мате: Оние кои се на власт се навлечени на моќта. Не постои ништо што предизвикува таква зависност како моќта. Кој политичар или лидер ќе се одрекне од моќта? Грчевито се држат до неа до последен момент. Ако погледнете било кој диктатор, сите се држат до својата позиција до последен момент. Моќта создава зависност. И никогаш не е доволно. Сè разбира, законот постои за да ги поддржи оние на моќни позиции.

Знаете, читав книга... Дали името Милован Ѓилас ви значи нешто? Ја прочитав неговата книга пред неколку децении, заборавив точно која, но тој говореше за Тито, претседателот на поранешна Југославија. Тој наведува дека Тито наредил да биде испратен во затвор, а еден од помошниците рекол: „но Ѓилас не прекрши никаков закон“. На тоа Тито одговорил: „Тогаш напишете го законот и ставете го во затвор“.

Компас: Колку трауматично било детството на Вучиќ?


Мате: Луѓето на позиција секогаш ќе ја користат својата моќ за да останат на тоа место. И би било наивно да се шпекулира зошто го прават тоа. Но, секогаш кога ги анализирам индивидуалните истории на луѓе со диктаторски тенденции, секогаш постои некоја детска траума помеѓу. Таквите луѓе се обидуваат да го компензираат чувството на слабост. И си велат – никогаш повеќе нема да бидам слаб, јас ќе бидам оној кој е супериорен.

Не знам какво било детството на Вучиќ, но прилично сум сигурен дека било трауматично.

Ќе морам да го истражам, но знам дека, на пример, претседателот Виктор Орбан бил ужасно физички малтретиран од неговиот татко. Постојат трауматизирани луѓе кои го компензираат своето внатрешно чувство на недостаток и слабост со наметнување моќ на другите и станување зависни од неа во тој процес.

Од друга страна, постои природна човечка потреба да се спротивстави на контролата. Луѓето во основа сакаат да бидат слободни. Тоа отсекогаш било вистина. Земете ја Римската империја на пример и погледнете го Спартак кој бил роб и гладијатор, а потоа и оној кој го предводел бунтот против Римската империја. Мислам дека тој всушност бил од вашиот крај, бил Тракиец.

Значи, човечките суштества имаат природна желба за слобода. Кога се потиснати, тие даваат отпор. Освен ако не бидат прегазени. А понекогаш и тие се прегазени. Како што Русите успеаја да го потиснат унгарскиот бунт во 1949 и 1956 година и како што Израелците можат да ја уништат Газа. Се чини дека ништо не ги спречува. Прашање е до кога Вучиќ може да ја задржи власта, со други зборови, колку ќе биде поддржан од инструментите на моќта како што се полицијата и армијата. Сè додека го прават тоа, постои шанса да ги задушат оние од другата страна. Промената е успешна само кога системот ќе се разложи. Можеби е рано да се зборува за тоа, не можам да предвидам што ќе се случи. Репресијата ќе предизвика поголем отпор, па се поставува прашањето колку сила ќе употреби државата на крајот и со колкава сила можат да се извлечат.


„Владите на големите сили немаат морал“

Компас: Меѓу другото, српските студенти побараа поддршка од меѓународната заедница. За да стигнат до Советот на Европа, тие поминаа 1.400 километри и возеа 13 дена, што е физички напор кој не се среќава во категориите атлетски вештини. Колку меѓународните институции можат да извршат притисок врз српскиот режим и да влијаат на политичките настани во Србија?

Мате: Не мислам дека сум циничен, т.е. се сметам себеси за реален кога велам дека меѓународните влади немаат морал. На пример, Франција изврши масакр во Африка. Кога алжирските студенти протестираа во Париз во 1968 година, француската полиција уби 400 од нив и ги фрли нивните тела во Сена. Никој не зборува за тоа. Макрон, кој толку многу се залага за слободата во Украина, не се грижи за слободата на Палестинците и е подготвен да го поддржи она што всушност се нарекува геноцид. Така е и со британската влада, со белгиската влада. Овде не зборувам за јавноста и луѓето што живеат таму, туку за оние кои одлучуваат.

Тие ќе застанат на страната на слободата и демократијата кога тоа е во нивен интерес, а нема да им биде грижа кога околностите се поинакви, како што е случајот на Блискиот Исток. Сè зависи од тоа како тие гледаат на Србија. Би бил многу изненаден ако судбината на шест милиони Срби е толку блиска до срцата на моќниците во Западна Европа. Ќе има голем јавен интерес и симпатии од граѓаните, но прашање е дали тоа ќе резултира со некаква политика која навистина ќе изврши притисок врз власта во Србија. Не сум премногу оптимистичен. Мразам да го кажам тоа, но јас така ги гледам работите.