Холандските разузнавачи предупредуваат: Стануваме цел на Русија, вакви напади се сè почести

Точка

22/04/2025

17:36

1.511

Големина на фонт

а а а

Холандската воена разузнавачка агенција "MIVD" предупредува дека Русија ги интензивира хибридните напади со цел поткопување на холандското општество и нејзините сојузници, при што руски хакери веќе ги таргетирале јавните услуги на земјата.

Агенцијата истакнува дека Русија сè почесто спроведува саботажи и врши мапирање на критичната инфраструктура во Северното Море, со цел напад врз интернет каблите, како и системите за водоснабдување и енергетска мрежа.

„Го гледаме зголемувањето на руската закана врз Европа, и тоа не само во контекст на тековната војна со Украина, туку и по нејзиниот потенцијален крај“, наведува директорот на "MIVD", Петер Реесинк, во годишниот извештај на агенцијата.


Судир во „сива зона“ меѓу војна и мир

Во извештајот се нагласува дека конфликтот се префрла во „сива зона“ – состојба меѓу војна и мир, каде државни актери како Русија се сè посклони кон ризични хибридни дејства. „Станува збор за обиди за поткопување на општеството преку комбинација на традиционална шпионажа, сајбер напади и влијание врз јавноста“, стои во извештајот.

Минатата година, "MIVD" за првпат откри напад од руски хакери врз оперативен систем на една од холандските јавни служби. Дополнително, агенцијата идентификувала и руска кибер-операција насочена кон критична инфраструктура – што се толкува како потенцијална подготовка за саботажа.


Мапирање на инфраструктурата во Северното Море

Агенцијата уште еднаш го повторува своето предупредување: Руски субјекти активно мапираат инфраструктура на Северното Море, со фокус на интернет каблите, како и снабдувањето со вода и електрична енергија – сето тоа во рамки на подготвителни активности за саботажа.

Во ноември, шефот на британската разузнавачка служба ја обвини Москва за водење на „шокантно неодговорна кампања“ на саботажи во Европа – од сајбер напади до подметнување пожари.

Русија, од своја страна, ги негира овие обвинувања, нарекувајќи ги неосновани и недокажани.