Поранешниот шеф на "Google: „Вештачка интелигенција" што самостојно размислува – доаѓа наскоро“

Точка

22/04/2025

14:58

785

Големина на фонт

а а а

Животот значително се промени со појавата на вештачката интелигенција, а промените допрва ќе се интензивираат со доаѓањето на "супер-AI".

Вештачката интелигенција веќе е дел од нашето секојдневие, сакале ние тоа или не. Дури и ако активно не користите "AI" алатки, многу апликации и уреди веќе имаат вградена вештачка интелигенција која не може да се исклучи.

Додека некои ја фалат "AI" поради нејзините потенцијални придобивки и зголемената продуктивност што ја овозможува, други предупредуваат на веќе видливи негативни последици во општеството.

Поранешниот извршен директор на "Google", Ерик Шмит, внимателно го следи развојот на вештачката интелигенција и често е остар во своите коментари.


На неодамнешниот самит на "Special Competitive Studies Project", Шмит предвиде дека во рок од три до пет години, светот ќе се соочи со појава на таканаречена општа вештачка интелигенција – "AI" која може да се мери со човечкиот разум.

Што значи тоа? Според научниците, општата вештачка интелигенција ќе може самостојно да размислува и да носи одлуки, па дури и да стане свесна. Но, Шмит предупредува: тоа исто така значи дека вештачката интелигенција можеби веќе нема да мора да нè слуша.

„Во таа фаза, вештачката интелигенција нема само да биде попаметна од луѓето – туку ќе стане суперинтелигенција, попаметна од сите луѓе заедно“, изјави тој.


„Нема јазик со кој може да се опише што точно ќе се случи кога тоа ќе се појави“, додаде Шмит.

Дали тогаш треба да се плашиме од таква "супер-AI"? Одговорот не е едноставен. Развојот на суперинтелигенција ќе бара огромни количини електрична енергија.

„Луѓето не разбираат што се случува кога ќе се појави интелигенција на ова ниво. А тоа се случува многу побрзо отколку што човештвото, нашето општество, демократија и закони можат да следат“, нагласи Шмит.


Сепак, тој не гледа на "супер-AI" исклучиво како на закана. Според него, нејзината појава – како и појавата на генеративна AI – ќе предизвика длабоки промени: некои работни места ќе исчезнат, но ќе се создадат нови.

„Кога пред 300 години се појави разбојот за ткаење, работните места не исчезнаа – туку се изменија. Се создадоа повеќе работни места отколку што се изгубија. Така ќе биде и сега. Сè уште чекам некој да ме убеди во спротивното“, заклучи Шмит.