Унгарија и Словачка сугерираа дека сегашните случаи на високо заразната болест шап и лигавка (ШПА) би можеле да бидат поврзани со биотероризам – без никакви научни докази што би го поткрепиле таквото тврдење.
Првиот случај на шап и лигавка во Унгарија по 50 години беше регистриран на почетокот на март на фарма за добиток во близина на границата со Словачка. Оттогаш, вирусот е потврден кај добиток на уште три фарми во Унгарија и шест фарми во Словачка. Поради оваа причина, надлежните служби итно започнаа со вакцинација на добитокот, со цел да се спречи понатамошно ширење пред евентуалното уништување на заразените грла.
Словачка прогласи вонредна состојба, воведе гранични контроли и формираше кризен центар со поддршка на полицијата, армијата и пожарникарите – и на терен и од воздух.
Сепак, вирологот Јиржи Черни од Чешкиот универзитет за природни науки во Прага предупредува дека нема конкретни докази за тврдењата за намерно ширење на вирусот.
„Според моите сознанија, нема докази што укажуваат дека станува збор за биотерористички напад“, рече Черни.
„Ова не значи дека не треба да се разгледуваат сите можни сценарија, но тие мора темелно да се испитаат и да не се претпоставуваат без никаква основа.“
Болеста на шап и лигавка е најстрашната болест што може да влијае на добитокот ширум светот. Иако ретко предизвикува смрт, е многу заразна за преживари како што се крави, свињи, овци и кози. Предизвикува висока температура, губење на апетит и болни плускавци во устата и копитата, што обично бара еутанизација на цели стада. Во исто време, се воспоставуваат изолациски зони за да се спречи ширењето на инфекцијата.
Оваа болест има потенцијал сериозно да го загрози земјоделството. За време на епидемијата во Велика Британија во 2001 година, земјата претрпе штета од над 15 милијарди евра, а повеќе од шест милиони животни беа убиени во тоа време со цел да се сузбие болеста.
Германија, исто така, пријави случај во јануари, но инфекцијата брзо беше ставена под контрола.
Черни истакнува дека најверојатно станува збор за случаен пренос на вирусот: „Вирусот може да се пренесе преку контаминирани обувки, облека, опрема, па дури и пердуви на птици преселници. Слични случаи на ненамерно внесување на вирусот веќе се регистрирани во минатото.“
Сепак, шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Гергели Гуљас, беше првиот што отворено ја спомена можноста дека станува збор за биолошки напад.
„Во овој момент не можеме да исклучиме дека вирусот нема природно потекло и дека можеби имаме работа со вештачки создаден вирус“, рече Гуљас на прес-конференцијата. Тој додаде дека ова сомневање се темели на информации од странска лабораторија, но дека овие информации сè уште не се потврдени.
Гуљас истакна дека компетентните експерти треба да ги истражат сите можности, вклучително и „намерен напад“.
Еден ден подоцна, слична изјава даде и словачкиот министер за земјоделство Ричард Такач, кој во интервју на Јутјуб рече дека Словачка ја разгледува и можноста за биотероризам.
„И тука се поставуваат разни шпекулации и прашања. Европската комисија, исто така, ги поставува истите прашања“, рече Такач. „Можам да потврдам дека во официјалните документи по состаноците на европско ниво, биотероризмот се споменува како едно од можните сценарија. Дека некој можеби намерно го вовел вирусот. Истрагата е во тек.“
Европската комисија не сакаше да коментира за изјавата на Такач, но објави дека активно соработува со земјите-членки за да се утврди потеклото на вирусот.
„Не можеме да коментираме. Комисијата интензивно работи со земјите-членки за да го пронајде изворот на инфекцијата. Вирусот моментално се изолира и секвенционира во референтната лабораторија на ЕУ, што би можело да помогне да се расветли неговото потекло. Сè уште е рано за шпекулации“, изјави портпарол на Комисијата пренесе „Политико“.
Во меѓувреме, неколку земји преземаат дополнителни мерки на претпазливост: Австрија и Чешка ги заострија граничните контроли, додека Велика Британија го забрани увозот на месо и млечни производи од ЕУ во личен багаж.