Во случајот биле вклучени неговата сопруга, адвокатот и братот, потврдуваат извори упатени во целата ситуација.
Американскиот секретар за одбрана и шеф на Пентагон, Пит Хегсет (44), споделил детални планови за воена операција против Хутите во Јемен во нова преписка преку апликацијата Сигнал, овојпат преку неговиот личен мобилен телефон. Во комуникацијата учествувале неговата сопруга, адвокатот и братот, велат запознаени извори.
Првично, според нив, разговорот започнал за време на турбулентниот процес на потврдување на Хегсет за министер. Но, тој продолжил да ја користи групата која броела повеќе од десетина членови и по неговото официјално назначување, додаваат тие.
Откритието на Њујорк Тајмс доаѓа во момент кога блиски советници на Хегсет изразуваат сериозна загриженост за неговата проценка и одлуки, меѓу кои и поранешниот портпарол Џон Улиот, како и тројцата високи функционери кои тој ги отпушти минатата недела, началникот на Генералштабот Ден Колдвел, заменик-началникот Дарин Селник и Колин Керол, кој работел под одделот за одбрана.
„Овој месец беше полн со хаос во Пентагон. Од протекување на чувствителни воени планови до масовни отпуштања, ваквата дисфункција стана сериозен проблем за претседателот Трамп“, изјави Улиот за Си-Ен-Ен.
Вториот разговор преку Сигнал уследи по оној што Хегсет го користел минатиот месец за комуникација со членови на кабинетот за воени планови, што сега е предмет на истрага од страна на вршителот на должноста генерален инспектор во Министерството за одбрана.
Слично на првата група на Сигнал, чиј постоење беше откриено од магазинот Атлантик по случајно вклучување на нивниот уредник од страна на советникот за национална безбедност Мајк Волц и оваа група добила информации за планиран напад врз Хутите во Јемен, велат извори за Си-Ен-Ен.
Братот на Хегсет, Фил, и неговиот адвокат Тим Парлатор, двајцата активни членови на контроверзната група се вработени во Министерството за одбрана. Сепак, неговата сопруга Џенифер не е официјално вработена, иако Хегсет редовно ја вклучувал во средби со странски лидери во првите недели од мандатот. Не е јасно кој од членовите на групата Сигнал поминал безбедносна проверка.
Си-Ен-Ен побара коментар од портпаролот на Хегсет, а Њујорк Тајмс прв ја објави веста за втората група на Сигнал. По серија медиумски написи, вклучително и еден во Њујорк Тајмс, за спорниот тек на кампањата против Хутите, Хегсет започнал да обвинува соработници и да се сомнева во високи воени функционери и свои советници, верувајќи дека тие го саботираат, додаваат извори.
Во еден момент, тој дури повикал на истрага од ФБИ заради протекувањето на информации – нешто што некои негови помошници се обиделе да го обесхрабрат. Веќе била во тек истрага од генералниот инспектор, а вклучувањето на ФБИ само би го зголемило притисокот, го предупредиле тие.
Изворите наведуваат дека Хегсет е сѐ позагрижен и поради истрагата на генералниот инспектор. Се очекува дека Колдвел, Селник и Керол ќе бидат сослушани како дел од оваа истрага. Во заедничка изјава во саботата, тие изразија „длабока разочараност од начинот на кој заврши нивната служба“ и ги отфрлија обвинувањата за протекување на информации.
„Анонимни претставници од Пентагон го клеветат нашиот карактер со неосновани тврдења во момент на наше заминување. Сите тројца чесно ѝ служевме на земјата, двајца од нас и военo, во Ирак и Авганистан. Согласно нашето искуство, ја разбираме важноста на безбедноста на информациите и секојдневно работевме на нивна заштита“, напишаа тие.
Ситуацијата предизвикува растечка загриженост меѓу актуелните и поранешните функционери околу лидерството и приоритетите на Хегсет, во време кога Пентагон води значајна воена операција на Блискиот Исток против Хутите, прераспределува ресурси во регионот поради можност за поширок конфликт меѓу Израел и Иран, и испраќа засилувања на јужната граница. Сѐ повеќе се слушаат повици за негово разрешување.
„За жал, по ужасниот месец, Пентагон повеќе не е фокусиран на војување, туку на постојана драма. Дури и најлојалните поддржувачи на Хегсет, како што сум јaс, мораат да признаат: изминатиот месец претставуваше целосен колапс во Пентагон и тоа станува сериозен проблем за администрацијата“, изјави Улиот.
Хегсет, пак, сѐ уште нема јавно коментирано ниту за отпуштањата, ниту за немирите во неговата канцеларија. Последните денови избегнувал јавни настапи и можни средби со новинари. Иако новинарите беа поканети да присуствуваат на пристигнувањето на францускиот министер за одбрана во Пентагон во четвртокот, Хегсет не се појавил, испратил помошник наместо себе.