Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, упати велигденска честитка до поглаварите на верските заедници и до сите верници од христијанска вероисповед во земјава, по повод Воскресението Христово – Велигден, кој годинава се празнува на ист ден од страна на сите христијани ширум светот.
Во честитките упатени до Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, до бискупот д-р Киро Стојанов и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско-методистичката црква, д-р Емил Заев, Сиљановска-Давкова упати пораки за духовна сила, надеж и солидарност во овие празнични денови.
„Христовото воскресение е симбол на животот, стожер на верата и инспирација за љубов и духовност. Велигден ни дава сила да ја негуваме човечноста и да даруваме добрина секому и секаде,“ се наведува во честитката до г.г. Стефан.
Таа потсети и на трагедијата што ја погоди земјата за време на велигденскиот пост, изразувајќи надеж дека празникот ќе донесе утеха и ќе биде поттик граѓаните да бидат посилни и посплотени.
„Да покажеме дека од несреќата и неволјата можеме да излеземе помудри, подобри и похумани“, порача таа.
Во честитките до останатите поглавари, Сиљановска-Давкова истакна дека годинашното заедничко славење на Велигден е симболична можност за сплотеност и заедништво, не само во земјава, туку и на глобално ниво.
„Да шириме позитивни мисли и да бидеме поткрепа едни на други. Со љубов и оптимизам, заеднички да чекориме кон подобра иднина“, порача претседателката на државата.