[ВИДЕО] Роб Стјуарт им испрати порака на Србите – Треба да бидеме попаметни при изборот на политичарите

Точка

15/04/2025

16:09

939

Големина на фонт

а а а

Канадскиот актер Роб Стјуарт, познат по улогата на Ник Слотер во акционо-комедиската ТВ серија „Tropical Heat“, се огласи по повод протестите во Србија кои се одржуваат во последните неколку месеци. Неговата видеопорака ја објави новосадскиот рок-бенд Атеист Рап.

„Поздрав, Србија. Јас сум Роб Стјуарт или Ник Слотер. Имам информации дека во последните пет месеци има масовни протести низ целата ваша прекрасна земја. Протести против корумпираната влада, против криминалот на власта, против владата која станала глува кон гласот на својот народ“, рекол тој на почетокот од видеото.

„Можеби е непотребно да се каже, дека ништо од ова немаше да се случи ако ме избравте за ваш претседател“, рече тој, алудирајќи на документарниот филм „Slaughter Nick for President“ од 2013 година.


„Претпоставувам дека тоа е лекцијата што ја учиме ширум светот – дека треба да бидеме попаметни кога ги избираме политичарите, дека треба да бидеме подобри кога избираме луѓе на позиции на моќ. Но, мојата денешна порака е за студентите на Србија, столбот на овие протести, интелектуалната и духовната душа на вашата земја“, истакнал актерот.

„Никогаш не откажувајте се од борбата за слобода, не предавајте го вашето право да барате правда за сите. Затоа што токму сега, во овој историски момент, вие можете да бидете искра, искрата што може да го запали пламенот на демократијата ширум светот“, додал тој.

На крајот на студентите им порачал на српски јазик: „Пумпај и динстај насекаде низ светот“.

Кој е Роб Стјуарт?

Роб е роден во Торонто, Канада. Како дете играл хокеј и сонувал за професионална кариера. Сепак, на 17-годишна возраст, се повредил, а потоа одбил бројни спортски стипендии што му биле понудени. На Универзитетот Ватерло дипломирал латински и англиски јазик.

Во текот на својата кариера имал многу телевизиски улоги. Една од неговите рани значајни улоги беше улогата на Ник Слотер во „Tropical Heat“. Стјуарт го толкувал главниот лик Роан во првите две сезони од хит акционата ТВ серија „Никита“,а исто така се појавил и во неколку епизоди на сериите „The L.A.“ и „Beauty & the Beast“.

Во 2013 година бил објавен документарниот филм „Slaughter Nick for President“. Филмот го следи Стјуарт на неговото патување во Србија во 2009 година, каде што „Tropical Heat“ постигнал забележителна популарност во текот на 1990-тите.