Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Луксембург за Украина и Западен Балкан

Макфакс

14/04/2025

11:16

505

Големина на фонт

а а а

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ во Луксембург разговараат за ситуацијата на Западен Балкан, Украина и Блискиот Исток.

За време на работниот ручек, министрите ќе разговараат за прашањата за регионалната стабилност и безбедност на Западен Балкан.

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас во неделата вечерта зборуваше за време на работната вечера со министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан. Таа на денешната средба ќе извести за минатонеделната посета на Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.

Во Сараево, таа го осуди раководството на босанските Срби за обид за поткопување на територијалниот интегритет и уставниот поредок во земјата. Министрите ќе разговараат за тензичната политичка ситуација во Србија, каде што се одржуваат масовни протести по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад во ноември минатата година.

Што се однесува до Украина, неколку земји-членки сакаат да ја забрзаат работата на 17-тиот пакет санкции против Русија, кој би вклучувал ембарго за увоз на течен гас.

Состанокот се одржува еден ден откако Русија го погоди центарот на северниот украински град Суми со две балистички проектили, при што загинаа најмалку 34 лица.

На маргините на министерскиот состанок ќе се одржи меѓувладина конференција за пристапување со Албанија, на која земјата ќе ги отвори преговорите во кластерот 2, кој опфаќа повеќе поглавја поврзани со внатрешниот пазар.

Вечерта во Луксембург ќе се одржи првиот политички дијалог на високо ниво меѓу ЕУ и палестинската управа. Двете страни ќе разговараат за ситуацијата во Газа и Западниот Брег, билатералните односи и можниот напредок кон решение со две држави. ЕУ подготвува голем пакет економска помош за палестинските власти.

Со состанокот ќе претседаваат високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Каја Калас и палестинскиот премиер и министер за надворешни работи Мохамад Мустафа. Комисијата ќе ја претставуваат комесарот за Медитеран, Дубравка Шуица и комесарот за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб.

Комесарката за Медитеран, Дубравка Шуица, најави дека ЕУ ќе ја зголеми финансиската поддршка за палестинската управа во износ од 1,6 милијарди евра.