Руси: 500 Украинци се предадоа во Курск, меѓу нив и платеник од Колумбија

Макфакс

13/04/2025

10:20

822

Големина на фонт

а а а

Руската државна новинска агенција ТАСС објави дека повеќе од 500 украински војници им се предале на руските сили во областа Курск, недалеку од руско-украинската граница.

Повикувајќи се на неименувани извори од руските безбедносни служби, ТАСС наведува дека меѓу заробените е и еден странски платеник, државјанин на Колумбија.

„Заробените војници се бројат во стотици. Само во Курск повеќе од 500 припадници на вооружените сили на Украина го положија оружјето. Меѓу нив има и странски платеник, колумбиски државјанин“, според извор цитиран од ТАСС.

Ова тврдење сè уште не може да биде независно потврдено, а нема коментар од украински воени извори.

ТАСС потсетува дека на 12 март началникот на рускиот Генералштаб Валериј Герасимов изјави дека околу 430 украински војници се предале во областа Курск. Според него, украинските војници наводно се почесто се откажуваат од борбата бидејќи, како што рече, ја сфаќаат залудноста на понатамошниот отпор.

Во август 2024 година, украинските сили извршија инвазија на територијата на руската област Курск, што беше дел од пошироката стратегија за нарушување на руските логистички и артилериски бази долж границата.

За време на ова напредување, некои села и позиции биле окупирани, но без долгорочно територијално освојување. На почетокот на 2025 година, руската армија почна контраофанзива во таа зона користејќи значителни воздушни и артилериски ресурси, како и севернокорејски војници.

На почетокот на март, украинските трупи се повлекоа од повеќето позиции северно од украинскиот пограничен регион Суми, вклучително и делови во близина на регионот Курск, наведувајќи ја „оперативната рационализација на борбената линија“ како причина.