Трамп ја губи трпеливоста со Русија: Преговорите за Украина на крстопат

Точка

13/04/2025

10:00

2.556

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите за завршување на војната во Украина би можеле да се движат во вистинска насока, но додаде дека „доаѓа момент кога мора или да прифатиш нешто, или да замолчиш“.

Според „Ројтерс“, Трамп ги дал овие изјави пред новинарите вчера, за време на летот со „Ер Форс 1“, еден ден откако изразил фрустрација кон Русија и ѝ порачал на Москва да „се придвижи“ кон постигнување договор со Киев.

– Мислам дека преговорите меѓу Украина и Русија би можеле да се одвиваат во добра насока и многу брзо ќе дознаете повеќе за тоа. Доаѓа момент кога мора или да прифатите нешто или да замолчите. Ќе видиме што ќе се случи, но мислам дека сѐ се движи во добра насока – рече Трамп.


Специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, во петокот во Санкт Петербург се сретна со рускиот претседател Владимир Путин, разговарајќи за напорите за постигнување мировен договор.

Виткоф го повика шефот на Кремљ да ги продолжи преговорите за прекин на огнот во Украина.


Кремљ соопшти дека средбата траела повеќе од четири часа, при што Путин и Виткоф разговарале за „аспектите од договорот за Украина“.

Специјалниот пратеник на Путин, Кирил Дмитриев, го опиша разговорот – трет по ред меѓу Виткоф и Путин од почетокот на годинава – како „продуктивен“.


Трамп постојано изразува незадоволство од начинот на кој Путин пристапува кон преговорите.

– Русија мора да продолжи. Премногу луѓе умираат, илјадници секоја недела, во оваа ужасна и бесмислена војна – напиша Трамп во петокот на социјалните мрежи.


„Ројтерс“ објави дека Трамп покажува знаци на губење трпение и размислува за воведување секундарни санкции за земјите кои купуваат руска нафта, доколку процени дека Москва го блокира договорот.

Пред изјавата на Трамп во претседателскиот авион, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, го пофали Трамп, изјавувајќи дека американскиот претседател го разбира украинскиот конфликт подобро од кој било друг западен лидер.