Денес, САД и Иран започнуваат разговори во Оман околу иранското нуклеарно прашање, откако САД се заканија со воена акција доколку не се постигне договор.
Американскиот пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ќе одржат средба зад затворени врати во Мускат, главниот град на Оман.
Според иранската новинска агенција Тасним, делегација предводена од министерот Арагчи утрово отпатувала од Техеран за Мускат.
Иранската државна телевизија објави видеа од неговата средба со оманските власти пред почетокот на разговорите со американската страна.
Во иранската делегација се наоѓаат и заменик-министерот за надворешни работи за политички прашања Маџид Тахт-Раванчи, заменик-министерот за правни прашања Казем Гарибабади, како и портпаролот на Министерството за надворешни работи, Есмаил Багаи.
Овие разговори ќе бидат првите на вакво ниво меѓу двете непријателски земји откако САД се повлекоа од нуклеарниот договор од 2015 година, во 2018 година, за време на првиот мандат на претседателот Доналд Трамп. Договорот тогаш предвидуваше ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции.
Сè уште не е јасен ниту форматот на разговорите, што ја одразува длабоката поделба меѓу двете страни. Белата куќа во петокот најави дека разговорите ќе бидат директни, „во иста просторија“, додека Техеран изјави дека ќе се одвиваат преку посредници.
Според Тасним, преговорите треба да започнат попладнево, со посредство на оманскиот министер за надворешни работи, Бадр ал-Бусаиди.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги најави разговорите во понеделник, по неколкунеделна ескалација. На изненадување на сите, изјави дека САД и Иран немаат дипломатски односи веќе 45 години.
„Сакам Иран да биде голема и среќна земја. Но, не може да поседува нуклеарно оружје“, изјави Трамп вчера, во авион пред тргнување кон преговорите.
Два дена претходно тој порача дека воената интервенција против Иран е „целосно можна“ доколку не се постигне договор.
„Ако мора да прибегнеме кон сила – ќе го сториме тоа. Очигледно, Израел ќе биде длабоко вклучен и ќе води“, додаде тој.
Од иранска страна, пак, дојде предупредување дека може да ги протера инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) – потег што би значел „ескалација“ во односите со Вашингтон.
Иран, кој е економски ослабен поради санкциите и изолиран поради нападите на Израел врз неговите регионални сојузници Хезболах во Либан и Хамас во Газа, има интерес да преговара, според мислењето на експерти.
„Техеран сака сериозен и праведен договор“, изјави вчера Али Шамкани, советник на врховниот лидер Али Хамнеи.
САД, од своја страна, се стремат да ја сопрат нуклеарната програма на Иран, обвинувајќи ја земјата дека има амбиции за развој на нуклеарно оружје. Иран тврди дека нуклеарната програма е исклучиво за мирољубиви цели.