Дали трговската политика на Трамп навистина дава резултати? Постави 5 цели – не исполни ниту една

Точка

12/04/2025

16:32

2.473

Големина на фонт

а а а

Додека трговските партнери на САД сè пожестоко реагираат на новата царинска политика на претседателот Доналд Трамп, се поставува прашањето – дали американскиот претседател воопшто се приближува до исполнување на своите клучни цели? BBC направи краток преглед на моменталната состојба во петте области кои беа главни амбиции на Трамп.

Подобри трговски договори

Трамп со години ги обвинува странските држави дека ја искористуваат Америка преку неповолни трговски договори. Сега, за време на 90-дневната пауза пред воведување на нови, повисоки царини, Белата куќа тврди дека лидери од други земји веќе се јавуваат со предлози за нови договори и трговски отстапки.

Ова е можеби единствениот сегмент од неговата политика кој засега покажува одредени резултати, но сè уште е во фаза на преговори. Трамп веќе двапати повлекол претходно најавени царини за одредени држави.

Јакнење на американската индустрија

Една од клучните цели на Трамп беше јакнење на домашното производство. Сепак, постојаните промени во царинската политика им го отежнуваат долгорочното планирање на компаниите.

Никој не знае кои индустрии ќе бидат заштитени, а кои не, па повеќето претприемачи чекаат стабилизација пред да донесат важни одлуки или да започнат со инвестиции.

Дополнително, САД тешко можат да ги вратат производствените работни места кои се преселени во Азија – не само поради разликата во платите, туку и затоа што Кина денес е сериозен конкурент во високата технологија.


Судир со Кина

Трговската војна со Кина веќе започна. Трамп со години го обвинува Пекинг дека ја „ограбува“ Америка преку неправедна трговија.

Иако политички му одговара заострување на односите со Кина, отворен трговски судир со втората најголема економија во светот, која воедно има и значителна воена моќ, е крајно ризичен потег што засега носи само трошоци и штета за американската економија.

Зголемување на приходите од царини

Ако Трамп се држи до основните и дополнителните царини, особено кон кинеските производи, приходите од царини ќе растат.

Сепак, тие пари пристигнуваат само додека Американците купуваат увезена стока. Ако потрошувачите се пренасочат кон домашни производи – што е и целта на Трамп – приходите од царини ќе опаднат, додека трошоците за потрошувачите ќе пораснат, што може да го загрози животниот стандард на просечниот Американец.


Поевтини цени за американските потрошувачи

Трамп вети дека неговата трговска политика ќе донесе пониски цени. Но, речиси сите економисти се согласуваат – новите царини ќе ги покачат цените. Увезените производи поскапуваат, а домашната индустрија не може да обезбеди иста количина ниту пак конкурентни цени.

Трамп засега покажува повеќе политичка волја отколку реални економски резултати. Иако преговори се започнати, компаниите се збунети, потрошувачите најверојатно нема да профитираат, а судирот со Кина носи огромен ризик.