Митева: 360 прекршочни платни налози во вредност од над 3 милиони денари за дискотеки, ноќни клубови ресторани и слично

Макфакс

11/04/2025

14:52

843

Големина на фонт

а а а

Државниот пазарен инспекторат во периодот од 17.03 до 10.04.2025 година изврши вкупно 297 надзори во однос на исполнувањето на минимално техничките услови и други одредби предвидени согласно Законот за угостителска дејност, информира Марија Митева, владината портпаролка.

Надзори се вршени, како што рече, кај угостителските објекти со пријавена дејност.

„Тука дозволете ми да ги набројам сите објекти коишто се под оваа дејност: дискоклуб, дискоклуб на отворен простор, ноќен клуб, кабаре, кафе бар, гостилница, ресторан, ресторан за свадби, бистро, хотел и останати субјекти. Издадени се вкупно 360 прекршочни платни налози во вкупна вредност од 3.436.000,00 денари. Издадени се вкупно 28 решенија за привремена забрана за вршење на дејност (кои вршеле дејност без лиценца или пак без исполнување на минимално техничките услови) и 12 решенија за отстранување на неправилности за прекршоци утврдени согласно Законот за угостителска дејност“, кажа таа.

Од вкупно 23 правни субјекти со активна лиценца, кај 17 субјекти биле констатирани неправилности во делот на исполнувањето на минимално техничките услови.

„Последниот извештај којшто го дадовме пред јавноста беа 15, денес веќе се 17, и за истите е доставена информација до Министерството за економија и труд. Во меѓувреме кај 7 од овие објекти се отстранети овие неправилности, и на барање на правните субјекти е извршена дополнителна контрола и направени контролни записници каде надлежните органи утврдиле дека правните субјекти, согласно законски предвидениот рок од 30 дена, ги отстраниле овие недостатоци. И таквите информации се доставени до Министерството за економија и труд.

Останатите правни субјекти кои немаат активна лиценца или пак се со поднесено барање до Министерството за економија и труд и не вршат дејност во моментов се под постојан мониторинг и за истите ќе се преземат соодветни мерки согласно закон“, нагласи Митева.

Контролата како што прецизира, сè уште е во тек.

„Како Влада очекуваме целосен и детален извештај од сите 9 одделенија на Државниот пазарен инспекторат, коишто се надлежни на територија на Македонија, за овие 297 контроли на правните субјекти да биде доставен во текот на следната недела.

Со ова сакаме да ги увериме нашите граѓани дека ова не е еднократен одговор ниту краткорочен ангажман. Зајакнувањето на институционалната одговорност и враќањето на довербата на јавноста остануваат наши долгорочни приоритети и ќе продолжиме да им пристапуваме на таквите прашања со зголемен фокус“, додаде Митева.