Кинескиот претседател за првпат зборуваше за царините, ја повика ЕУ да му се спротивстави на Трамп

Макфакс

11/04/2025

10:02

1.485

Големина на фонт

а а а

Кинескиот претседател, Шји Џинпинг, за прв пат јавно проговори за ескалацијата на трговската војна со САД, велејќи дека Кина не се плаши и нема да попушти пред неправедната репресија. Неговите зборови доаѓаат во време кога меѓународните пазари се под притисок, а стравувањата од глобална рецесија се сè поизразени.

„Нема победници во трговската војна, а спротивставувањето на целиот свет води само до изолација“, рече Шји за време на состанокот со шпанскиот премиер Педро Санчез во Пекинг.

Кси истакна дека економскиот развој на Кина повеќе од седум децении почива на самодоверба и напорна работа, а не на странска помош. Тој додаде дека Кина, без оглед на надворешните притисоци, останува решена да се фокусира на сопствениот развој.

„Без разлика како се менува надворешното опкружување, Кина ќе остане самостојна, концентрирана и фокусирана на добро управување со сопствените работи“, рече тој.

Шји ја искористи средбата со Санчез за да испрати јасна политичка порака до Европската унија. Кинескиот претседател го повика Брисел да се спротивстави на, како што рече, едностраното малтретирање на Пекинг, што е очигледна референца на високите царини што американскиот претседател Доналд Трамп ги наметна на кинески стоки.

„Претседателот Шји Џинпинг ја повика Европската унија да се спротивстави на едностраното насилство со Кина“, објавија утринава кинеските државни медиуми.

Администрацијата на Трамп неодамна ги зголеми царините за кинеските производи на ниво од 145 отсто, што предизвика остри реакции во Пекинг и дополнително го комплицираше глобалниот трговски тек. Кинеските власти веќе најавија борба до крај, а сега Шји за прв пат лично го кажа ставот на Пекинг.

Трамп завчера објави дека за 90 дена ги замрзнува новите царини против сите трговски партнери освен Кина. Европската унија реагираше со паузирање на сопствените најавени контрамерки за 90 дена, што отвори можност за намалување на ескалацијата меѓу Брисел и Вашингтон, но истовремено ја нагласи се поинтензивната трговска војна меѓу САД и Кина.