Хаотични и несериозни изјави на власта за царините од САД. Наместо владини експерименти со економијата, потребна е сериозност и одговорност. Ваква е оценката на СДСМ за односот на власта по царината за увоз на македонски производи од 33 отсто што ја воведе САД.
Потпретседателката на опозициската партија, Кристина Костова, изјави дека најпрвин власта тврдеше дека царините се очекувани и немало да имаат ефект, за вчера да настапи со изјава воведувањето на царините било грешка.
Ова не е само несериозност, вели Костова, туку крајна неодговорност со директни последици, врз економијата, врз државата.
„Одлуката на САД за воведување на царини до 33 отсто за Македонија – меѓу највисоките во Европа – е уште еден пораз за Владата и нејзината надворешна политика. Спектакуларните изјави дека сме влегле во периметарот и оптиката на новата американска администрација потонаа целосно. Она што загрижува најмногу е фактот дека Владата нема никаков план, нема проценка, нема насока. Не знаат што прават, каде тераат“, рече Костова.
СДСМ смета дека владата мора веднаш да седне на маса со претставници од американската администрација и да започне сериозни преговори. Секое друго сценарио, секоја избрзана мерка, како што велат од опозициската партија, може дополнително да ги влоши состојбите.