ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да преземе одговорност за решавање за спорот со Бугарија, не му ја доделил народот

Макфакс

08/04/2025

12:24

552

Големина на фонт

а а а

Филипче не може да преземе одговорност за решавање за спорот со Бугарија бидејќи таква одговорност доделена од народот воопшто нема, реагира ВМРО-ДПМНЕ по настапот на претседателот на СДСМ во своето обраќање на конференцијата „Започнување на Програмата на С&Д ‘Вили Брант’ за проширување на ЕУ“, која се одржа во Брисел.

На последните избори, велат од ВМРО-ДПМНЕ, народот кажа што мисли за капитулациите на Венко и Заев во спорот со Бугарија.

Во врска со обраќањето на Венко Филипче во Брисел во кое се обидува да ја обвини Владата за наводно самонаметнато вето и откажување од евроинтеграциите, ВМРО-ДПМНЕ смета дека јавноста заслужува одговор кој се темели на факти, вистински вредности и државничка одговорност.

Според ВМРО-ДПМНЕ апсурдно е СДСМ – партијата која капитулираше пред секој услов, која со бришење на македонскиот јазик од институционални формулации и која дозволи вметнување на билатерални прашања во европскиот процес, да зборува за европска стратегија и достоинство.

„Ако денес сме заглавени во процесот, тоа е поради штетниот и непреговаран Договор од 2022 година, потпишан токму од СДС, без внатрешен консензус и спротивно на јавното мислење; Уставните измени не се закочени од ВМРО-ДПМНЕ, туку од недовербата на народот во процес што СДС го водеше без транспарентност, без одговори и со тајни додатоци“, се вели во реакцијата.

Исто така, Владата на ВМРО-ДПМНЕ не одбива уставни измени, туку инсистира тие да бидат дел од поширок договор, постигнат низ демократски процес, со гаранции за идентитетот и со заштита на државните позиции – нешто што СДСМ апсолутно го погази.

Претходно во Брисел, Филипче рече дека Северна Македонија е во бизарна ситуација на таканаречено самонаметнато вето, бидејќи Владата одбива да ги спроведе потребните уставни измени. Во својот говор, Филипче нагласи дека е неопходно ПЕС и групата СД во Европскиот парламент да преземат активна улога во процесот на проширување на Европската Унија.