Автомобилите од групацијата "Volkswagen" доминираат во статистиката за нови регистрации, објавена од Федералната управа за патен сообраќај на Германија (KBA) за првиот квартал од оваа година.
Во моментов, единствено "BMW" успева да го одржи чекорот, додека "Tesla", која некогаш беше на врвот, сега падна на осмото место.
Според податоците на "KBA", во периодот од јануари до март се регистрирани вкупно 112.968 нови електрични автомобили.
Јасен лидер е "VW", со 25.393 регистрации, а веднаш зад него е "BMW" со 10.315. Следат три подбрендови на "VW" – "Škoda" со 9.258, "Audi" со 8.634, и "Seat" со 8.063 нови регистрации.
На шестото место е "Mercedes", со 7.090 регистрации, пред "Hyundai", кој има 5.316. "Tesla" е дури на осмото место, со 4.935 возила.
Во истиот период минатата година – кој исто така беше нарушен поради укинувањето на еколошкиот бонус – "Tesla" сè уште беше на прво место, а ја заврши годината на третото место.
Оваа година има и посебни околности. Некои производители свесно ја одложија регистрацијата на нови електрични возила од 2024 за 2025 година, со цел полесно да ги исполнат построгите цели за просечни CO₂ емисии во својата возна флота.
Покрај тоа, "Tesla" веројатно трпи штета не само поради политичките изјави и активности на извршниот директор Илон Маск, туку и поради неодамнешниот редизајн на "Model Y".