Украинските полициски истражители тврдат дека идентификувале припадник на Кадировците од чеченската специјална единица Ахмат, кој за време на окупацијата на Миколаевската област во 2022 година киднапирал и со денови силувал малолетни девојчиња, објави прес-службата на Националната полиција на Украина, а пренесе УНН.
Осомничениот е 26-годишник родум од Ставрополските краишта, кој доброволно се приклучил во редовите на специјалните сили Ахмат, поминал обука на рускиот универзитет за специјални сили во Чеченија и дошол да се бори во Украина.
Мачни детали
Според истрагата, на 19 март 2022 година, осомничениот со другите руски војници влегол во населбата Снигуривка во Миколаевската област. По заземањето на градот, окупаторите почнале да го заплашуваат, ограбуваат, тепаат и мачат локалното население. Осомничениот Кадировец, меѓу другото, незаконски влегол во напуштен стан на украински војник, кој во тој момент ја бранел државата, информираат од украинската полиција.
Подоцна, заканувајќи се со оружје, киднапирал и во станот донел две девојчиња на возраст од 13 и 15 години. Три дена ги заплашувал и вршел сексуално насилство врз нив. Покрај тоа, 26-годишникот дознал дека мајката на едно од девојчињата е војник која била во заробеништво.
Дознал дека мајка ѝ била во заробеништво, па затоа ја претепал
Поради ова, тој лошо го претепал девојчето. Третиот ден, девојчињата успеале да побегнат низ прозорецот, искористувајќи го отсуството на окупаторот, тврдат Украинците.
„Кога руските сили почнале да се повлекуваат, овој силувач побегнал заедно со нив. Полициските истражители почнале да ги документираат злосторствата на окупаторот веднаш по ослободувањето на териториите“, пренесе УНН.
Истрагата е во тек.